Франција со убедлива победа од 3:0 над Шведска обезбеди пласман во осминафиналето на Светско првенство во фудбал 2026, каде што ќе се сретне со Парагвај. Главна фигура на натпреварот во Њујорк беше Килијан Мбапе, кој постигна два гола, во 45. и 74. минута, додека третиот погодок беше дело на Бредли Баркола во 53. минута.
Шведска прва се закани преку Александар Исак, но потоа Франција целосно ја презеде контролата. Мбапе уште во првото полувреме постигна гол кој беше поништен по ВАР поради офсајд, а француските напади продолжија со удари во стативата од Мбапе и Мајкл Олисе. Притисокот конечно вроди со плод во судиското продолжение од првото полувреме, кога Мбапе ја донесе предноста за Франција.
Во вториот дел, по одличната асистенција на Олисе, Баркола ја удвои предноста, а Мбапе со својот втор погодок го постави конечниот резултат 3:0. Со голот за 1:0, Мбапе стигна до девет голови во нокаут-фазата на Светските првенства, со што ги надмина бразилските легенди Леонидас и Роналдо Назарио, кои претходно го делеа рекордот со по осум погодоци.
Воедно, неговиот втор гол на натпреварот беше шести на Мундијалот 2026, со што се израмни на врвот на листата на стрелци со Лионел Меси. Шведска најдобрата можност ја имаше во финишот преку Виктор Ѓекереш, но сигурно интервенираше францускиот голман Мајк Мањан. Франција во осминафиналето ќе се обиде да го продолжи походот кон нова светска титула, а следен противник ќе ѝ биде Парагвај.