Маж се самозапали пред седиштето на ОН во Њујорк во знак на протест за Тибет

Маж се самозапали пред седиштето на Обединетите нации во Њујорк во знак на протест за Тибет. Тој е во критична состојба, а полицијата истражува што довело до инцидентот.

Маж се самозапали пред седиштето на Обединетите нации во Њујорк во знак на протест поврзан со Тибет, јавуваат американските медиуми. Според првичните информации, инцидентот се случил околу 19 часот по локално време на раскрсницата меѓу Источната 43. улица и Првата авенија. Непосредно пред да се самозапали, мажот поставил знаме поврзано со тибетската влада во егзил.

Безбедносните камери на ОН го снимиле моментот, а повредениот во критична состојба бил пренесен во болницата „Белви“. Полицијата отвори истрага за околностите на случајот.

На местото на настанот биле пронајдени и листови хартија со пораката „Кина, надвор од Тибет“, додека знамето останало на тротоарот околу еден час пред да биде отстрането.

Тибет е предмет на долгогодишен политички спор. Знамето што го поставил мажот е симбол на неуспешното тибетско востание од 1959 година, по кое во северна Индија беа формирани тибетската влада и парламентот во егзил.

Кина не ја признава оваа администрација и тврди дека Тибет е дел од нејзината територија со векови, додека тибетскиот духовен водач Далај Лама смета дека регионот бил независен пред влегувањето на кинеската војска во 1951 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс