Четирикратниот светски F1 шампион, Max Verstappen, победи на досега најголемата картинг трка ‘Max vs. 100’, откако стартуваше од 101-та позиција и ги престигна сите 100 противници за само 14 од вкупно 30 круга на Silverstone, за која беше изработена и специјална конфигурација.
Самиот старт на трката го откри размерот на предизвикот: на стартната линија беше поставено 101 картинг возило, едно позади друго, а Max ја зазеде 101-та, односно последната позиција. Пред него се најдоа Red Bull спортисти, креатори, стримери, новинари и фанови од целиот свет, од кои повеќето имаа само еден тренинг и еден квалификациски круг зад себе. Прилично поинакво сценарио од класична трка.
„Кога видов дека пред мене има 100 картинг возила, малку се загрижив. Но, по првиот круг, веќе сѐ беше под контрола, па кога се вратив во форма и кога почнав сите да ги престигнувам, стана навистина забавно! Возењето картинг ме врати на основите, ме потсети на трките од минатото. Патеката е навистина одлична и добро осмислена, а беше интересно што преку радио добивавме и податоци во реално време. Имав одличен ден, а особено ми е драго што на крајот успеав да победам!“, изјави Max.
Трката имаше хаотичен старт, брзи престигнувања и константна промена на позициите. Уште во првиот круг Max стигна до 37-то место, а 63 возачи ја завршија трката уште пред да го завршат првиот круг.
Според правилата, возачите беа елиминирани во моментот кога Max ќе ги престигнеше, што значи дека секое престигнување воедно значеше и елиминација од трката.
Во седмиот круг следуваше и прилично интересен момент, кога YouTube креаторот Paky TWC, кој беше шести во тој момент, преку радио го замоли Max да не го престигнува, но само неколку секунди подоцна Max стигна до него, со што Paky беше елиминиран од трката.
Во меѓувреме, Jacky Martens, кој стартуваше од пол-позицијата, YouTube креаторот Zac Alsop и Red Bull Ford Powertrains техничарот Lewis Osler имаа предност од околу 12 секунди. Max, сепак, од круг во круг ја намалуваше разликата за околу 3 секунди.
Кога водечката тројка ја искористи својата можност за дополнителен брз круг, Martens, Alsop и Osler се обидоа да ја задржат предноста и да го успорат приближувањето на Max. Тактиката им донесе само малку дополнително време, бидејќи веќе во 13-от круг Max ги престигна Alsop и Osler, а веднаш потоа го помина и Martens, со што ги елиминираше сите 100 противници и ја освои трката.
Max го постави и најбрзиот круг на трката со време од 2:20.673, додека најбрзото време по него го имаше Martens со 2:23.327. Во текот на 35 минути, Max во просек успеваше да престигне по еден возач на секоја 21 секунда.
На крај, Max ја заокружи најголемата картинг трка со победа, а на прашањето каде ја рангира оваа победа меѓу останатите во кариерата, одговори со насмевка:
„Мислам дека оваа е најдобрата досега.“
Max vs. 100 ни донесе еден сосема поинаков ден на Silverstone, во кој Verstappen доби задача што ретко би ја виделе на тркачка патека, спојувајќи го светот на мотоспортот со забава, адреналин и натпреварувачки дух во еден уникатен формат.