Масовна тепачка по мечот Унгарија – Украина во Будимпешта

Кон крајот на натпреварот се случи масовна пресметка на теренот, во која учествуваа фудбалери од двете репрезентации

Натпреварот меѓу Унгарија и Украина во Лигата на нации заврши со масовна пресметка на теренот, во која учествуваа фудбалери од двете репрезентации. Инцидентот се случи во судиското продолжение, при водство на гостите од 1:0.

Тензиите на „Пушкаш арената“ ескалираа откако украинскиот репрезентативец Олександр Назаренко направи остар прекршок над Рајмунд Тот. Австралискиот судија Џаред Џилет му покажа втор жолт, односно црвен картон на украинскиот фудбалер.

По прекршокот започна расправија меѓу играчите покрај страничната линија. Унгарскиот репрезентативец Милош Керкез се судри со противничките фудбалери, а потоа во мешаницата се вклучија играчи и членови на стручните штабови од двете клупи.

Од трибините кон теренот биле фрлани пластични чаши, додека судиите и останатите фудбалери се обидувале да ја смират ситуацијата.

По прекинот, судијата покажа четири жолти картони поради неспортско однесување. Кај Унгарија беа казнети капитенот Доминик Собослаи и Милош Керкез, а кај Украина Никола Матвиенко и Виктор Циганков.

Натпреварот потоа беше доигран, а Украина славеше со 1:0. Единствениот гол го постигна Данило Сикан во 42. минута, со удар со глава по центаршутот на Георгиј Судаков.

Дуелот се одигра пред повеќе од 56.000 гледачи и беше дел од првото коло во групата Б2 на Лигата на нации. Во следното коло Украина ќе ѝ гостува на Грузија, а Унгарија ќе игра против Северна Ирска во Белфаст.

е-Трн да боцка во твојот инбокс