Како да го исчистите мрсното стакло на рерната?

Стаклото на рерната со текот на времето собира маснотии, пареа и ситни остатоци од храна, па наместо низ него да гледате што се случува со јадењето, гледате заматена површина. Освен што изгледа нечисто, тоа може да биде и непрактично бидејќи почесто ќе мора да ја отвораме рерната за да провериме дали храната е готова.

Зошто маснотијата толку тешко се отстранува?

При печењето, маснотијата и честичките од храната се таложат на внатрешната страна од стаклото. Кога ќе дојдат во контакт со жешката површина, постепено се запекуваат и создаваат тврд слој. Затоа едноставното прскање со средство за чистење и веднаш бришење често не е доволно. Кај постарите наслаги, средството мора да има време да делува и да ја омекне нечистотијата.

Што ви е потребно?

За полесно чистење може да употребите средство наменето за отстранување маснотии или едноставна домашна паста од сода бикарбона и вода.

За потврдокорни наслаги може да помогне и комбинација од сода бикарбона и мала количина алкохолен оцет. Ќе ви требаат и мек сунѓер или крпа, а доколку има дебел слој запечена нечистотија, можете да употребите четка со меки влакна.

Важно е рерната да биде целосно исклучена и стаклото да биде ладно пред да започнете со чистење.

Најважниот чекор е да не брзате

Прво нанесете го избраното средство или пастата од сода и вода на внатрешната страна од ладното стакло. И тука доаѓа чекорот што многумина го прескокнуваат: оставете го средството да делува. Наместо веднаш да ја триете површината, почекајте најмалку 15 минути, или онолку колку што е наведено во упатството на конкретниот производ. На тој начин наслагите ќе омекнат и полесно ќе се отстранат.

Потоа избришете со мек, влажен сунѓер или крпа. Ако има тврдокорни остатоци, внимателно поминете со четка со меки влакна. На крај исплакнете ја крпата или сунѓерот и уште еднаш избришете ја површината за да не останат траги од средството.

Како да не се запече маснотијата повторно?

Не мора секојпат да чекате стаклото целосно да се замати за да го чистите. Еден од наједноставните начини за одржување е по печењето, откако рерната ќе се излади, да ја пребришете внатрешната страна од стаклото со влажна крпа.

Така маснотијата нема да има време постепено да се насобере и запече. Ако подготвувате храна што прска при печење, можете да користите соодветен капак или заштита наменета за високи температури. Тоа ќе ја намали количината маснотии што завршуваат на вратата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс