Маск се заканува со тужба по премиерата на документарецот што го прикажува неговиот живот

Правниот тим на Илон Маск се закани со тужба против авторите и продуцентите на новиот документарец „Маск“ на оскаровецот Алекс Гибни, обвинувајќи ги дека не ги провериле фактите.

Правниот тим на Илон Маск испратил предупредување до продуцентите на новиот четиричасовен документарен филм „Маск“, со најава дека би можеле да следуваат тужби поради, како што тврдат адвокатите, неточни или непроверени информации во филмот.

Во писмото од 3 септември, адвокатот на Маск, Алекс Спиро, го обвинува режисерот Алекс Гибни дека документарецот го изградил врз однапред донесени заклучоци, наместо врз непристрасно истражување. Според Спиро, авторите не ги провериле спорните тврдења со Маск или со неговите соработници пред филмот да биде објавен.

Како еден од примерите, адвокатот ја издвојува тезата дека сателитите на „Старлинк“ биле користени за влијание врз претседателските избори во САД во 2024 година. Правниот тим на Маск тврди дека режисерот бил известен уште пред премиерата дека таквата инсинуација е погрешна и дека јавно достапните информации ја побиваат, но сепак одлучил да не ја отстрани од филмот.

Продуцентите ја бранат точноста на филмот

Продукциската компанија „Џигсо продукшнс“, која стои зад документарецот, ги отфрли критиките и за „Холивуд репортер“ порача дека стои зад точноста на информациите презентирани во филмот. Од компанијата порачаа и дека Маск, кој често се претставува како поддржувач на апсолутната слобода на говорот, треба да го поддржи и правото на авторите да ги преиспитуваат моќните личности.

Документарецот беше премиерно прикажан на Венецискиот филмски фестивал во вторникот, каде што доби овации од публиката и позитивни реакции од критиката.

Четири часа за животот на Маск

Гибни во филмот го следи животниот и деловниот пат на Маск – од неговото детство во Јужноафриканската Република, преку неговото пробивање во Силиконската Долина, до изградбата на империјата околу компаниите „СпејсЕкс“, „Икс“ и „Тесла“. Документарецот се занимава и со неговото тешко детство, приватниот живот и фактот дека има 14 деца со повеќе жени.

Адвокатите на Маск предупредиле дека евентуалните тужби за клевета би можеле да бидат насочени не само кон продуцентите, туку и кон дистрибутерите на филмот, меѓу кои се „Ејч-Би-Оу“, „Бликер стрит“ и „Јуниверзал“. Режисерот Алекс Гибни е познат по документарци што се занимаваат со моќни институции и организации. За „Такси до мрачната страна“, филм за тортурата што ја применувала американската војска во Авганистан, тој го освои Оскарот за најдобар документарен филм.

Маск во последните денови повеќепати го нападна Гибни на својата платформа „Икс“, нарекувајќи го „ужасна личност“ и неговиот филм досаден памфлет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс