Мароко ја обвини Шпанија за малтретирање мигранти во Сеута

Мароканскиот национален совет за човекови права тврди дека шпанската полиција ги тепала и навредувала мигрантите надвор од досегот на камерите.
Фото: EPA/REDUAN DRIS

Мароканскиот национален совет за човекови права (CNDH) упати сериозни обвинувања до шпанските сили за безбедност за физичко малтретирање и насилство врз мигрантите кои кон крајот на јули влегоа во шпанската енклава Сеута. Според објавеното прелиминарно извештај, мароканските претставници базираат своите тврдења на директни сведоштва од луѓе кои биле вратени назад во Мароко.

Според извештајот на CNDH, мароканските тимови собрале изјави од мигранти кои тврдат дека биле изложени на физички напади и навреди од страна на шпанската полиција. Ваквите инциденти, според нивните сведоштва, се случувале пред сè на локации кои не биле покриени со видеонадзор. Во документот се наведува дека меѓу жртвите имало и малолетници, кои дополнително биле цел на вербални и физички напади од екстремистички групи низ градот.

Мароканскиот совет ги критикуваше и локалните власти во Сеута за ненавремено обезбедување соодветна нега за младите мигранти. Покрај ова, тие ги обвинија властите за затворање на локалните продавници и ресторани, иако таа одлука ја донесоа самите сопственици по препорака на бизнис здруженијата.

Ова не е првпат Мароко да ја префрла одговорноста за мигрантските кризи врз Мадрид. По трагичниот инцидент кај заштитната ограда во Мелила во 2022 година, кога загинаа најмалку 23 лица, CNDH исто така ја обвини Шпанија за затворање на граничните врати.

Шпанското обвинителство подоцна ја затвори истрагата за Мелила со заклучок дека нема докази за сторено кривично дело. Оваа одлука предизвика бројни реакции во јавноста, имајќи предвид дека постоеја информации дека токму мароканските граничари ја ослабиле контролата и им овозможиле на мигрантите да поминат.

Обвинувањата доаѓаат во момент кога Мароко повторно го отвора прашањето за суверенитетот над шпанските енклави. Мароканскиот министер за правда, Абделатиф Уахби, изјави за каналот Ашарк Њуз дека Рабат не се откажува од историското право врз Сеута и Мелила и дека ова прашање останува задолжителна тема при секоја средба меѓу двете земји.

Уахби истакна дека Мароко има долгорочна стратегија за враќање на овие територии преку дијалог, а истовремено побара и репатријација на мароканските малолетници без придружба кои се наоѓаат во шпанските центри. Историски, ниту Сеута ниту Мелила никогаш не биле дел од мароканска држава, Сеута е под шпански суверенитет од 1580 година, додека Мелила е под шпанците од 1497 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс