Победниците во категориите најдобар качувачки и најдобар алпинистички филм, на ЕХО фестивалот за Планински филм, оваа година ги одреди жирито од Македонската алпинистичка федерација, во состав Илија Циривири, Мартин Пејоски, Антонио Додевски и Костантин Циривири.
За Најдобар качувачки филм тие го прогласија „Мармолада. Мајката на карпите“ на Матео Маги и Кристиана Пеки од Италија. Жири комисијата во образложението истакна:
„Документарец кој ги задоволува филмските аспекти, естетските и алпинистичките страсти. Филм кој има повеќе слоеви и по вертикала и по хоризонтала. Драмтарушки дисекцира во предизвиците на алпинистичката суштина – стилот при првенственото искачување. Со исклучително писмено користење на филмската граматика се раскажува посветеноста при правењето нова насока во масив кој има огромна светска алпинистичка историја. Притисокот достоен на таа планина виз а ви последните достигнувања во алпнистичката техника и традицијата како показател на доживувањето вистинска авантура во планините. Приказ дека посветеноста кон врвниот алпинизам може да се одвива „дома“, и притоа да не следи конвенции за поместување на границите на алпинизмот – туку едноставно, дека алпинизмот е тука за пред се’, да ги поместиме сопствените граници.
За Најдобар алпинистички филм пак, жирито од Македонската алпинистичка федерација, го прогласи филмот „Едноставно прекрасно“ на Томаш Галашек од Чешка, филм со луциден наратив кој градира во дело адекватно на авантурата која ја раскажува.
„Подеднакво обработувајќи ја приказната и алпинистичката димензија, филмот создава комфортен простор преку кој на гледачот му се претставува алпинистичкиот подвиг. Вештото користењње на филмскиот јазик, особено во монтажата, го надополнува дејствитето снимено во Хималаите. Субјективноста на ликовите е трансформирана во објективен призор на една вистинска алпинистичка авантура“ се вели во одлуката на жирито.