Search

Марко Новески: Си го живеев животот по мои стандарди…тука нема лага

Марко Новески е еден од најпрепознатливите ТВ водители во Македонија. Својата кариера ја започнува на почетокот од овој век и успешно ја одржува во кондиција до ден денес. Работел на разни проекти, но оној кој го вивна во познатите е ТВ проектот „Дај побрзај“. Малку се знае за неговиот приватен живот, па тоа не инспирираше едно попладне, при случајна средба на плоштад „Македонија“ во Скопје да му поставиме неколку скокотливи прашања. Еве што ни одговори…

Трн: Секогаш насмеан, позитивен или што би се рекло човек кој е „300 на саат“, ваков ли си и дома?
Марко: Па не баш, дома сум мирен и зборувам по потреба да не речам дома жена ми зборува, а јас слушам. Е сега, се менува моментот кога некој ќе ни дојде на гости… тогаш уста не затварам

Трн: Марко дај побрзај или Марко дај забави?
Марко: Со годините полека одиме накај ова второто

Трн: Велат човек се менува по женидбата, што промени ти?
Марко: Буквално ништо. Жена ми ме прифати таков каков што сум па немав потреба ништо да сменам.

Трн: Кружи муабет дека си играл стриптиз и со пијачка си завел девојка, сега твоја сопруга. Што велиш?
Марко: Лажат… не ја честев пијачка, туку таа мене ме честеше .

Трн: Во едни списанија, на времето, имаше написи дека си бил порочен… Жолт печат или има вистина муабетот?
Марко: Не знам што да кажам на ова. Да бев порочен се уште ќе бев на некој порок, а дека си го живеев животот по мои стандарди… тука нема лага.

Трн: Кога сме кај познатите, како стана познат и од каде почнува кариерата?
Марко: Од случајна средба на плажа со вистинските луѓе. Ми дадоа шанса со тогаш познатата емисија „Дај побрзај”и оттогаш еве ме.

Трн: Кој е најсмешниот трач што си го слушнал досега за себе?
Марко: Искрено никогаш не сум се замарал со тоа што зборуваат луѓето но ако треба да издвојам тоа е моментот кога се сретнав со еден познаник и збунето ми рече: „Чекај ти не си во манастир, нели се замонаши”? Збунето го погледнав и го прашав „зарем ти личам на монах”.

Трн: Што си работел досега за пари, а што никогаш не би работел?
Марко: Сум работел многу работи од продавање сладолед, келнер, на шалтер во менувачница и др. Но никогаш не би работел машка проститутка или жиголо.

Трн: Ти пречи ли некогаш тоа да те знаат сите, особено кога брзаш или чекаш ред во аптека, маркет, пазар…
Марко: Не никогаш. Јас сум од тие луѓе на кои не им пречи што ги препознаваат и кои сакаат да си прават муабет со сите.

Трн: Си завршил ли работа низ град само поради фактот што си ти?
Марко: Ќе излажам ако кажам не 🙂

Трн: Ако имаше супер моќ што би направил?
Марко:
Би се потрудил сите да живееме поубаво.

Најново

Последни колумни