Во гостувањето кај Стефонатор во емисијата „Полиграф“, Марко Маринковиќ – Слаткаристика се наврати на една од своите најемотивни песни, „Да полетам“. Песната, која во повеќе наврати јавно ја има посветено на својот покоен татко, добива нова тежина со годините. Денес, вели тој, го погодува повеќе отколку кога ја напишал.
„Мислам дека сум позрел. Таа беше зрела песна напишана од во тоа време незрело дете“, објаснува Слаткар во разговорот. Не ја крие емотивната тежина која ја носи ова дело. Кога водителот прашува дали има нешто што никогаш не успеал да му каже на татко му, тој кратко одговара: „Да“, но веднаш додава дека не сака да зборува за тоа и го користи Кока-Кола копчето што е сигнал дека прашањето е премногу лично.
Во истиот дел од разговорот тој сепак открива дека никогаш не се чувствувал како да го разочарал татко му, иако од него се очекувало да стане доктор. Во емисијата вели дека не се носи со чувство на вина за изборот на професија. Наместо тоа, во неговите одговори се чита сигурност дека патот кој го избрал, музиката. е нешто зад што цврсто стои.
Ова интервју открива дека песната „Да полетам“ изгледа како мост помеѓу едно „незрело дете“ и зрел човек кој денес ја пее истата песна со сосема друга свест и друга тежина. Песната е семејна приказна, но и пример како, со текот на времето, уметникот повторно ги чита и преиспитува сопствените дела.