„МакеДокс“ од 20 до 27 август: документарни филмови, панел-дискусии и фокус на Шпанија

Седумнаесеттото издание на „МакеДокс“ ќе се одржи од 20 до 27 август во Скопје, со филмска програма, фокус на Шпанија и панел-дискусии за кината и филмската критика.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје.

Седумнаесеттото издание на фестивалот ќе биде отворено на 20 август, во 20:30 часот, во Куршумли ан, со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим.

Отворање со „Кон запад, во Запата“

Приказната во филмот „Кон запад, во Запата“ се одвива во оддалечените мочуришта на Запата во Куба, каде Ланди и Мерцедес се борат да го израснат својот син среде економски колапс и сè поголеми општествени немири.

Принудени на болни разделби и тешки одлуки, тие се обидуваат да го зачуваат своето семејство. Филмот е интимен портрет на истрајноста, љубовта и цената на опстанокот.

„Само сонот е стварност“ во чест на Илинденка Петрушева

Фестивалското мото „Само сонот е стварност“ е наслов на песна од Тин Ујевиќ, но и на книга на една од најзначајните македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева (1944–2025).

Специјален настан посветен на Петрушева, со наслов „Така пишуваше Илинка“, ќе се одржи на 22 август, во 19 часот, во Сули ан.

Во нејзин спомен ќе се одржи разговор за филмот со некои од нејзините најблиски соработници и наследници на нејзиното дело: Влатко Галевски, филмски критичар и модератор на разговорот; Петар Волнаровски, главен и одговорен уредник на списанието „Кинопис“ при Кинотеката на Република Македонија; Саша Дуковски, доктор на правни науки, редовен професор и киноаматер; и Русе Арсов, продуцент и програмски раководител на драмската програма при МКЦ.

Разговорот ќе биде проследен со проекција на краткометражниот филм „Кино Мортус“ во режија на Ивана Цветковска и продукција на школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

Шпанија е земја во фокус

Земја во фокус годинава е Шпанија, со избор од најавтентичните и највозбудливите остварувања на тамошната современа документарна сцена.

Програмата се одликува со силен авторски печат, визуелна смелост и тематска разновидност, а ќе вклучи и избор на кратки документарни филмови од Канарските Острови и експериментални краткометражни дела од Перу.

Програмата ќе ја отвори „Амилкар“ на режисерот Мигел Еек, заедно со краткометражниот „Роење птици“ на Ксавиер Марадес, на 21 август, во 21 часот, во Куршумли ан.

Двајцата автори ќе бидат гости на 17. издание на „МакеДокс“ и ќе одржат мастер-клас посветен на современите пристапи во креативниот документарен филм.

Панел за културната инфраструктура и кината во Скопје

Покрај филмската програма, на фестивалот ќе се одржат и две панел-дискусии со пошироко јавно значење.

Панел-дискусијата „Културната инфраструктура пред Европската престолнина на културата 2028“ ќе се одржи на 24 август, понеделник, со почеток во 13 часот, во „Лабораториум“.

Дискусијата ќе се обиде да даде одговор на прашањето: Каде исчезнаа кината?

Скопје денес се соочува со сериозен недостаток на активни киносали и простори во кои филмот континуирано се прикажува и живее како културно искуство. Иако градот има активни фестивали, филмски автори и заинтересирана публика, можностите за редовно гледање квалитетна домашна, европска и независна кинематографија се ограничени.

Говорници ќе бидат Звонко Наумовски, шеф на операции во Фондација „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“; Билјана Лунга Филиповска, советник за меѓународна соработка, евиденција и стратешко планирање во Агенцијата за филм на Република Северна Македонија; Маргарита Арсова, уредничка на филмската програма во Младински културен центар; и Дарко Набаков, извршен директор на „МакеДокс“.

Модераторка ќе биде Марина Костова, филмска критичарка и потпретседателка на светската организација на ФИПРЕСЦИ.

Филмската критика во ера на алгоритми

Панел-дискусијата „Филмска критика во ера на алгоритми?“ ќе се одржи на 25 август, вторник, во 13 часот, во „Лабораториум“.

На панелот ќе учествуваат Марина Костова од Северна Македонија, филмска критичарка и потпретседателка на ФИПРЕСЦИ; Марина Д. Рихтер од Австрија, филмска критичарка, новинарка и фестивалска селекторка; Алфонсо Ривера од Шпанија, филмски критичар, новинар и член на ФИПРЕСЦИ Шпанија; и Муртада Елфадл од САД, филмски критичар, новинар и селектор.

Модератор на панелот ќе биде Кристин Камдесу од Франција, управна и уметничка директорка на ФИПАДОК.

Филмската критика е неделив дел од филмската култура – не само во оценувањето филмови, туку и во создавањето простор за дијалог, предизвикувањето на доминантните наративи и помагањето на гледачите да се ангажираат околу филмот.

Комплетната програма е достапна на фестивалскиот сајт

Комплетната програма на 17. „МакеДокс“ може да се најде на фестивалскиот сајт: https://makedox.mk/mk/

Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.

Седумнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Шпанија, Италијанска амбасада, Словенечкиот филмски центар, Халк Банка, Скопско смут, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, Едукативен културен центар „Лабораториум“, Албански театар – Скопје, Хотел „Мериот“, кафе и филм „Котур“ и такси „Глобал“.

Медиумски покровители на 17. „МакеДокс“ се Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура Бета, Трн, Блен.мк, Медуза, Екран.мк и Паноптикум.мк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс