Македонските универзитети повторно надвор од „Глобал 2000“: регионот напредува, Македонија ја нема на листата

Ниту еден македонски универзитет не се најде на најновата листа „Глобал 2000“ на CWUR, додека универзитети од Србија, Словенија и Хрватска се меѓу најдобрите 2.000 во светот.

Ниту еден македонски универзитет не се најде на најновата листа „Глобал 2000“, објавена од Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR). Рангирањето е изработено врз основа на анализа на повеќе од 80 милиони податоци и важи за една од глобалните референтни листи за споредба на универзитетите.

И покрај широката анализа, македонските универзитети не успеаја да се позиционираат меѓу најдобрите 2.000 високообразовни институции во светот.

Универзитетите од регионот се на листата

Најдобро рангиран универзитет од регионот е Универзитетот во Белград, кој се наоѓа на 393. место. По него следуваат Универзитетот во Љубљана на 444. место и Универзитетот во Загреб на 522. место.

Од Србија, на листата се најдоа и универзитетите во Нови Сад, Крагуевац и Ниш. Од Хрватска, Универзитетот во Сплит е рангиран на 953. место, додека Универзитетот во Риека е на 1.658. место.

Универзитетот во Марибор, Словенија, се наоѓа на 1.293. место.

Бленди Ходаи, студент на Филозофскиот факултет, граѓански активист и директор на Форумот за образовни промени, реагираше на социјалните мрежи дека ова е втора година по ред како ниту еден универзитет од Македонија не се најде меѓу најдобрите универзитети во светот.

„Во меѓувреме, универзитетите во Крагуевац и Ниш се рангирани пред УКИМ, УТ и останатите универзитети во државата“, вели тој, оценувајќи дека соседните земји повеќе инвестираат во квалитет, наука и меѓународна видливост.

Харвард прв, САД и Кина доминираат

Според листата, најдобро рангирани универзитети во светот се Харвард, МИТ, Стенфорд, Кембриџ, Оксфорд, Принстон, Универзитетот во Пенсилванија, Колумбија, Јеил и Универзитетот во Чикаго.

Соединетите Американски Држави имаат осум од првите десет универзитети во светот, како и 313 институции меѓу првите 2.000. Кина, пак, е прва според бројот на универзитети на листата, со 360 институции.

Јапонија има 102 универзитети на листата, а најдобро рангиран е Универзитетот во Токио, на 13. место. Обединетото Кралство има 89 институции, Франција 71, Русија 42, а Германија 69 универзитети. Најдобро рангиран германски универзитет е Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен, кој е на 51. место.

Како се рангираат универзитетите?

Вкупно биле анализирани 21.291 институција, а само најдобрите се нашле на листата „Глобал 2000“.

Рангирањето се базира на четири главни критериуми: квалитет на образование, кој носи 25 проценти од оценката; вработливост на дипломираните студенти, исто така 25 проценти; квалитет на наставниот кадар, 10 проценти; и истражувачка работа, која има најголема тежина со 40 проценти.

CWUR не користи анкети или податоци доставени од самите универзитети, туку се потпира на објективни показатели. Истражувачката работа дополнително се анализира преку број на објавени трудови, публикации во водечки списанија, влијание на истражувањата и број на цитирани трудови.

Отсуството на македонските универзитети од листата повторно го отвора прашањето за квалитетот на високото образование, научната продукција, меѓународната видливост и инвестициите во академскиот развој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс