Македонскиот стартап Spiderlook е меѓу шесте европски стартапи што полската платформа Vestbee ги издвои во својот избор за ноември 2026 година, објавен на 24 ноември. Vestbee ги поврзува стартапите со инвеститори и акцелератори. Два дена подоцна, на 26 ноември, Spiderlook официјално беше лансиран и на платформата Product Hunt, наменета за претставување и откривање нови технолошки производи.
Spiderlook развива платформа за следење и анализа на активностите на конкурентите, наменета за маркетинг-тимови и агенции. Решението ги обединува јавните објави на конкурентите на социјалните мрежи, нивните реклами на Meta и Google, промените на веб-страниците, како и вестите и медиумските објави во кои се споменуваат компаниите што корисникот ги следи.
На овој начин, маркетинг-тимовите добиваат поширока слика за тоа како конкурентите ги развиваат и промовираат своите производи и услуги. На пример, кога една компанија лансира нова услуга, преку Spiderlook може да се следи како ја претставува на својата веб-страница, како комуницира за неа на LinkedIn и Instagram, какви реклами користи и во кои медиуми се објавува за неа.
Со помош на вештачка интелигенција, платформата ги поврзува овие активности и овозможува полесно следење на развојот на конкурентските кампањи. Корисниците имаат пристап и до оригиналните објави, реклами и веб-страници врз основа на кои се генерира анализата.
Дополнителна функционалност е интеграцијата со ChatGPT и Claude, преку која корисниците можат директно да поставуваат прашања за активностите на конкурентите. Така, на пример, можат да проверат какви промени направила одредена компанија во своите реклами во текот на изминатата недела и да добијат одговор врз основа на податоците собрани преку Spiderlook.
Изборот на Spiderlook во ноемвриското издание на Vestbee е чекор кон поголема меѓународна видливост на стартапот и претставува уште едно присуство на македонска технолошка компанија во пошироката европска стартап-заедница.
Зад Spiderlook стои тимот на Nebula, технолошка компанија од Скопје која развива софтверски решенија за обработка на податоци, автоматизација и вештачка интелигенција.
