Македонскиот павилјон во Венеција се отвора утре со проект на Велимир Жерновски

Македонскиот павилјон на 61. Биенале на уметноста во Венеција ќе биде отворен на 8 мај со проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на Велимир Жерновски.

Македонскиот павилјон на 61. Биенале на уметноста во Венеција свечено ќе биде отворен утре, 8 мај 2026 година, во 18:30 часот, со проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на уметникот Велимир Жерновски.

Проектот, со оригинален наслов „Will my eyes be closed or open?“, е поставен во кураторска концепција на Тихомир Топузовски и Аманда Бецкес.

На отворањето, присутните ќе ги поздрави државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова.

Македонскиот павилјон е сместен во изложбениот простор „Ex Capella Buon Pastore“, историски сакрален простор во Венеција, со препознатлива архитектура и автентичен амбиент. Денес, просторот е адаптиран за културни настани и изложби, создавајќи специфична атмосфера за дијалог меѓу современата уметност и историскиот контекст.

Од Министерството за култура и туризам посочуваат дека учеството на Македонија на Венециското биенале е дел од долгорочната стратегија за интернационална промоција на македонската култура и уметност.

Годинашното, 61. издание на Биеналето го курира Којо Куо, а темата е „In Minor Keys“ („Во молски тоналитет“). Концептот ги истражува суптилните, интимните и често маргинализирани наративи во современото општество, поставувајќи ја уметноста како простор за емпатија, рефлексија и тивок отпор.

На годинашното Биенале учествуваат повеќе од сто уметници, а претставени се над 80 национални павилјони од целиот свет. Преку различни медиуми и пристапи, тие обработуваат теми како миграции, климатски промени, политички конфликти и идентитетски прашања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни