Градот Радовиш на 30 мај ќе стане центар на спортот и забавата со одржувањето на јубилејниот меѓународен боречки турнир „Македонски бисер“. Турнирот, кој годинава го одбележува своето 50-то издание, ќе донесе целодневна програма исполнета со боречки натпревари, музика и активности за посетителите.
Програмата започнува во 13:30 часот со отворање на фан-зоната на платото пред спортската сала „25 Мај“. Посетителите ќе можат да уживаат во диџеј сет на Зоки Бејбе, интерактивни игри, фото-зона, како и бесплатна храна и освежување. Главниот музички дел од програмата е закажан за 16 часот, кога настап ќе има Пајак.
Паралелно со забавната програма, уште од 10 часот во спортската сала ќе се одвиваат квалификациските борби на натпреварувачи од повеќе од 10 држави. Организаторите велат дека јубилејното издание претставува потврда за долгогодишната традиција и значењето на турнирот за македонското борење.
Поддршка за настанот дадоа и генералните спонзори, меѓу кои се Комерцијална банка, Адора Бизнис Групација, Рудник Бучим и Општина Радовиш. Од компаниите истакнуваат дека турнирот има големо значење за спортот, младите и промоцијата на Македонија на меѓународната спортска сцена.
Пред почетокот на финалните борби во 17:30 часот ќе биде промовирана и монографијата „50 години Македонски бисер“, посветена на историјата и развојот на турнирот низ децениите.
Организаторите најавуваат богата програма и голем број посетители, а влезот за сите настани ќе биде бесплатен.