Македонската полиција го приведе и ослободи поранешниот припадник на ОВК Пушколи

По неколкучасовен распит на граничниот премин Блаце врз основа на налог од Белград, косовскиот државјанин синоќа беше пуштен на слобода.

Поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Фадил Пушколи, синоќа беше приведен на граничниот премин Блаце врз основа на потерница издадена од српските власти, но по неколкучасовен информативен разговор полицијата го пушти на слобода. Веста за задржувањето и за ослободувањето преку социјалните мрежи ја објави самиот Пушколи, по што случајот доби институционално внимание и во Скопје и во Приштина.

Пушколи бил сопрен при обид да влезе од Косово во Македонија преку преминот Блаце – Генерал Јанковиќ. Тој на социјалните мрежи наведе дека задржувањето било директно поврзано со неговиот некогашен ангажман во ОВК и побара реакција од косовските власти за заштита на неговите права.

По неколку часа поминати во полициската станица, Пушколи извести дека постапката завршила. Тој напиша дека по интервјуто бил пуштен и јавно упати благодарност до полициските службеници за коректниот и професионален третман за време на испрашувањето.

Засега нема официјално соопштение од македонските институции со детали за кое кривично дело Србија конкретно го бара Пушколи. Брзото ослободување укажува дека овојпат не е покрената постапка за екстрадиција или мерка притвор.

Постапувањето на граничната полиција доаѓа по искуството со поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, кој беше уапсен во јули 2024 година на преминот Јажинце врз основа на потерница од српскиот Интерпол. Србија тогаш бараше негово израчување под сомневање за воени злосторства во регионот на Неродиме.

Македонскиот надлежен суд тогаш пресуди против екстрадиција на Рамадани и го упати во куќен притвор, од каде што тој набрзо замина, по што следеа остри дипломатски реакции од Белград кон Скопје.

Истиот ден кога беше сопрен Пушколи, хрватските власти го ослободија косовскиот државјанин Бајрам Бајрами, кој исто така беше приведен по српска потерница, но постапката беше прекината по интервенција на косовското Министерство за правда кое ја оспори надлежноста на Србија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс