Македонската култура од 3 до 6 септември на повеќе локации во Албанија

Концерти, изложби, фолклор, поезија, театар и ДЈ настапи во Тирана, Драч и Корча

Од 3 до 6 септември 2026 година, во Тирана, Драч и Корча ќе се одржи „Недела на македонската култура во Албанија“, во организација на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана и Амбасадата на Северна Македонија во Албанија.

Годинава програмата опфаќа повеќе културни и уметнички настани со учество на уметници од Северна Македонија. Во рамките на манифестацијата се предвидени концерти, изложби, фолклорни настапи, поетски и драмски изведби, ДЈ настапи, како и презентација на македонски вина, ракија и пиво.

За време на Културната недела, на главниот булевар во Тирана ќе бидат поставени македонски знамиња. Свеченото отворање ќе се одржи на 3 септември во Ортодоксната црква во Тирана, каде што ќе биде одбележан и 8 Септември – Денот на независноста, годинава во знак на 35-годишнината од независноста на државата.

На програмата се концерт на оркестарот „Ајга“ и ансамблот „Кон Темпора“, под диригентство на маестро Иван Еминовиќ, како и настап на фолклорното друштво „ЕуроАрт Академија“. Предвиден е и концерт со поезија на квартетот „Мевлем“, ДЈ-сетови на DJ Pass-N-G-R и DJ Spiro, како и промоција на македонски вина и ракија од винариите „Бовин“ и „Тиквеш“ и презентација на македонско пиво.

Во програмата се и монодрамата „Меѓникот“, во изведба на Доне Донев, изложба на фотографии од Преспа на Пали Колефски, настап на фолклорно друштво од Мала Преспа и музички настап на Кристијан Ѓорѓи.

Културната недела се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Министерството за култура, туризам и спорт на Албанија. Коорганизатор на настанот во Корча е Здружението ВМРО-ДПМНЕ – Албанија. Дополнителна финансиска поддршка од албанското Министерство за култура е обезбедена за учеството на македонските уметници, соопшти организаторот.

Поддршка за манифестацијата дадоа и винариите „Тиквеш“ и „Бовин“, чии производи ќе бидат претставени на свеченото отворање. Од Културно-информативниот центар во Тирана посочуваат дека манифестацијата има цел да ја промовира македонската култура и да создава можности за поврзување на уметници и нови културни соработки меѓу двете земји.

е-Трн да боцка во твојот инбокс