Македонската филхармонија ќе ја изведе „Кармина Бурана“ во Градскиот парк во Скопје

Публиката ќе има можност бесплатно да ја проследи изведбата на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, во изведба на здружените оркестри од Скопје, Софија и Солун

Македонската филхармонија ќе го одржи традиционалниот концерт под отворено небо на 20 јуни во Градскиот парк, со почеток во 21 часот.

Публиката ќе има можност бесплатно да ја проследи изведбата на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, во изведба на здружените оркестри од Скопје, Софија и Солун.

Трите филхармонии на концертот ќе настапат под диригентство на Најден Тодоров, со солистите Ана Дурловски (сопран), Николас Спанос (тенор) и Иво Јорданов (баритон), како и хорот на Македонската опера и балет, детскиот хор „Пиколо“ од Музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ и детски хор од музичко училиште во Солун.

На денешната прес-конференција министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека концертот има посебно значење како симбол на културно поврзување во регионот.

Директорот на Државната филхармонија од Солун, Симос Папанас, истакна дека соработката е резултат на повеќегодишна иницијатива за поврзување на музичките институции од Балканот.

– Идејата беше да изградиме мостови на соработка меѓу музичките средини на Балканот. Цврсто веруваме дека во нашиот регион има огромен музички потенцијал и многу талент. Но, една од слабостите во нашето соседство е тоа што сè уште не сме научиле доволно добро да соработуваме едни со други. И тоа мора да се промени. Дозволете ми да ја споделам мојата желба дека еден ден ќе можеме да соработуваме толку силно што Балканот ќе стане една од главните сцени за класичната музика. И ќе биде еднакво значајно за еден уметник да каже дека оди на балканска турнеја како што е да оди на турнеја во Германија или во Америка – истакна Папанас.

Сопранистката Ана Дурловски го потенцира значењето на културната дипломатија и уметничкото поврзување. Таа истакна дека токму овој проект е вистински пример за тоа „што можеме да постигнеме и колку треба заеднички да работиме за да ја искористиме оваа алатка за поврзување“.

– Суштината е во градењето мостови онаму каде што политиката понекогаш поставува граници. Од срце им се радувам на нашите пријатели што ќе дојдат следната недела – навистина станува збор за искрено пријателство. Би кажала дека оваа соработка и ова заедничко создавање треба да продолжи и понатаму. Тоа што ќе се случи на овој концерт ќе биде навистина величествено затоа што го носи искуството од Софија и од Солун, топлината и енергијата што ги разменивме, креативноста што ја донесовме. Ова повторно ќе биде нешто ново – во величествен отворен простор, што ќе донесе едно навистина уникатно доживување – рече Дурловски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс