Македонски филмови и автори во фокусот на Кан: силно претставување на домашната кинематографија

Македонската кинематографија оваа година беше претставена со повеќе проекти, промоции и професионални активности на Канскиот филмски фестивал. Преку филмски проекции, меѓународни панели и европски програми, домашните автори и продуценти добија нов простор за вмрежување и соработка.

Кански филмски фестивал и оваа година беше место каде македонската кинематографија се претстави преку повеќе професионални, промотивни и меѓународни активности, во организација и со поддршка на Агенција за филм.

На фестивалот присуствуваше македонска делегација составена од претставници на Агенцијата за филм задолжени за меѓународна соработка и промоција, меѓу кои и директорот Сашко Мицевски. Тој учествуваше како панелист на настан организиран од Centre national du cinéma et de l’image animée, посветен на копродукциската соработка со Франција.

Во рамки на дискусијата се разговараше за важноста на поддршката што македонската Агенција за филм ја обезбедува за фестивалите MakeDox и Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, особено во делот на вмрежување и поврзување на француски и македонски продуценти.

Во фестивалската програма беше вклучен и македонски филмски проект на Марко Ѓоковиќ, кој беше селектиран на специјализирана работилница за композитори. Овој избор се смета за значајна можност за меѓународно поврзување и понатамошен развој на проектот.

Дополнително, Агенцијата за филм организираше и маркет-проекција на долгометражниот игран филм Аномалија, која се одржа на 16 мај во рамки на филмскиот маркет во Кан.

Значајно признание доби и македонската продуцентка Ивана Шекуткоска, која беше избрана меѓу 20-те најперспективни европски продуценти во рамки на престижната програма Producers on the Move. Програмата, организирана од European Film Promotion, има цел да поттикне нови европски и меѓународни копродукции и професионални соработки.

Во текот на фестивалот, македонската делегација беше присутна и во SEE Pavilion – павилјонот на земјите од Југоисточна Европа, каде беа претставени актуелни македонски филмски проекти, можностите за снимање во земјава и потенцијалот на Македонија како филмска дестинација.

Screenshot

Преку состаноци со продуценти, дистрибутери и претставници на филмската индустрија од повеќе земји, македонските претставници работеа на нови партнерства и меѓународни иницијативи. За потребите на промоцијата беше подготвен и посебен промотивен материјал за македонската кинематографија.

Screenshot

Претставниците на Агенцијата за филм учествуваа и на Генералното собрание на European Film Agency Directors Association, каде се разговараше за идните политики, фондови и модели за меѓународна филмска соработка.

Со ваквото присуство на Канскиот филмски фестивал, македонската кинематографија продолжува да ја зајакнува својата меѓународна видливост и да отвора нови можности за домашните автори, продуценти и филмски професионалци на една од најважните светски филмски сцени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс