Силното невреме што вчера попладне го погоди Скопје зад себе остави повредени граѓани, оштетени објекти и илјадници повици за помош. Според здравствените власти, вкупно 15 лица побарале медицинска помош, додека Центарот за управување со кризи (ЦУК) регистрирал повеќе од 8.300 повици на бројот 112 во периодот од 17 до 21 часот.
На Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ биле примени девет пациенти. Директорот на клиниката, проф. д-р Игор Мерџаноски, информира дека две лица се здобиле со потешки повреди. Една жена со повреда на главата е префрлена на Клиниката за неврохирургија, додека друга пациентка има скршеница на раката. Останатите пациенти се со полесни повреди и се под лекарски надзор.
Во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ биле згрижени уште шест лица со посекотини и набиеници. Според директорот д-р Небојша Настов, тројца пациенти по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување, додека тројца остануваат на дополнителни испитувања.
„Сите се во стабилна состојба. Еден пациент е повреден од паднато дрво, друг од лим откорнат од покрив, а трет од паднати керамиди“, изјави Настов.
Оштетена и болницата „8 Септември“
Иако во Градската општа болница „8 Септември“ не биле примени повредени од невремето, установата претрпела значителна материјална штета.
Директорот д-р Синиша Стојаноски соопшти дека најголеми оштетувања има на покривот и покривната конструкција, а конечната проценка на штетите ќе биде направена по извршениот увид.
Над 8.300 повици до службите за четири часа
Од Центарот за управување со кризи информираат дека поради огромниот број пријави биле активирани дополнителни операторски смени.
„Сите повици континуирано се обработуваат и се проследуваат до надлежните институции. Ги замолуваме граѓаните за трпение и разбирање. Материјалната штета ќе може да се пријавува и во текот на утрешниот ден“, изјави директорот на ЦУК, Мухамед Али.
УХМР предупредува: Можно е ново невреме
Управата за хидрометеоролошки работи предупреди на можност од ново невреме. Според прогнозите, се очекуваат пообилни дождови, но ветерот би требало да биде послаб од оној што попладнево предизвика големи штети низ Скопје.
Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење во близина на оштетени дрвја, електрични водови и нестабилни конструкции, како и редовно да ги следат официјалните предупредувања за временската состојба.