Македонија ќе настапи со најбројна делегација досега на Медитеранските игри, кои од 21 август до 3 септември ќе се одржат во Таранто, Италија.
Денеска беше официјално претставена македонската делегација, која брои 130 членови, од кои 90 спортисти. Македонските претставници ќе настапат во индивидуални и екипни дисциплини, а ќе се натпреваруваат во 19 од вкупно 33 спортови на програмата.
Настап во 19 спортови
На прес-конференцијата беа претставени составот на делегацијата, подготовките и настапот на македонските спортисти. На присутните им се обратија претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, и дел од спортистите.
Димевски информираше дека Македонија ќе има претставници во атлетика, бадминтон, бокс, велосипедизам, коњички спортови, мечување, ритмичка гимнастика, џудо, карате, стрелаштво, пливање, таеквондо, тенис, триатлон и борење – слободен стил.
Во екипните спортови македонските бои ќе ги бранат женските репрезентации во ракомет и одбојка, машката репрезентација во баскет 3х3 и машката фудбалска репрезентација до 21 година.
Димевски: Верувам дека трудот ќе го покажат на терен
Зад настапот на македонските спортисти стои период на интензивни подготовки, а од МОК велат дека во изминатиот период обезбедувале поддршка и услови за нивниот настап.
„Сведок сум на подготовките во изминатиот период и на трудот што секој од спортистите го вложи за да биде подготвен за настапот во Таранто. Наша задача беше да им обезбедиме најдобри можни услови и поддршка на тој пат. Верувам дека сето тоа ќе го покажат на спортските терени“, истакна претседателот на МОК.
Македонија досега има освоено 14 медали на Медитеранските игри, а Димевски изрази надеж дека и оваа генерација ќе има успешни настапи и ќе ја продолжи традицијата на освојување медали.
Силјановска-Давкова ќе присуствува на отворањето
На свеченото отворање на Игрите ќе присуствува и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова.
„За нас тоа е голема чест и дополнителна мотивација за целата делегација“, истакна Димевски.
Тој информираше дека дел од делегацијата ќе биде и Софија Арнаудова, сертифициран тренер за ментални перформанси, која ќе работи со спортистите на ментална подготовка, концентрација и справување со натпреварувачкиот притисок.
Првите настапи следуваат во наредните денови
Присутните спортисти истакнаа дека со нетрпение го очекуваат почетокот на Игрите и моментот кога ќе излезат на спортските терени во Таранто.
Шефот на делегацијата, Петар Спасеновски, веќе е во Таранто, каде ги завршил подготовките за пречекот и организацијата на македонската делегација.
„Нека го дадат својот максимум, а ние ќе бидеме тука да ги поддржиме на секој чекор. Нека е среќно и со успех за Македонија!“, порача Димевски.
Македонската јавност ќе може да ги следи случувањата од Таранто преку директни преноси на дел од натпреварите на МРТ 3, како и преку секојдневните информации, резултати и содржини на социјалните мрежи на МОК.