Сезонските прогностички материјали за претстојната пролет во Северна Македонија укажуваат дека пролетта 2026 ќе биде натпросечно топла, со температури повисоки од вообичаените просеци за овој период од годината. Според метео анализата, која се однесува на сезонски трендови, се очекува пораст на температурите за околу 0,5 до 1 степен над просекот, што ќе резултира со побрзо будење на природата и почеток на вегетацискиот период.
Причина за ваквите услови е почеста доминација на јужно воздушно струење, кое ќе носи потопли воздушни маси над територијата на Северна Македонија. Сепак, и покрај генерално потоплата пролет, не се исклучуваат повремени продори на постуден воздух, кои би можеле да донесат задоцнети зимски бранови.
Овие краткотрајни заладувања најчесто се очекуваат кон крајот на март и почетокот на април и можат да предизвикаат утрински мразеви, особено во повисоките и руралните подрачја. Според анализата, ваквите услови можат да претставуваат ризик за овоштарството, поради можноста од измрзнување на рано расцветаните култури, како резултат на раното будење на вегетацијата.
Во однос на врнежите, се очекува тие да бидат околу просекот за пролетниот период, со повремени поинтензивни дождливи епизоди, но без засега индикации за зголемен ризик од големи поплави. Метео експертите напоменуваат дека станува збор за сезонска прогноза, која може да претрпи промени, поради што се препорачува следење на пократкорочните и пофокусирани временски прогнози.