Синоќа во Куршумли ан беше отворено 17. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој до 27 август на повеќе локации во Скопје ќе понуди богата програма со документарни филмови, гости, мастер-класови, разговори и панел-дискусии.
Фестивалот се одржува под мотото „Само сонот е стварност“, а проекциите и придружните настани се распоредени во Куршумли ан, Сули ан, Музејот на Македонија, „Лабораториум“ и Албанскиот театар.

Отворањето синоќа беше со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим. Филмот ја следи приказната на Ланди и Мерцедес, кои во оддалечените мочуришта на Запата во Куба се обидуваат да го зачуваат своето семејство во услови на економски колапс и општествени немири.
Шпанија во фокус
Годинава земја во фокус е Шпанија, со избор на современи документарни филмови кои се одликуваат со силен авторски пристап, визуелна смелост и тематска разновидност. Програмата вклучува и избор на кратки документарни филмови од Канарските Острови, како и експериментални краткометражни дела од Перу.

Меѓу главните настани е проекцијата на документарниот филм „Амилкар“ на режисерот Мигел Еек, заедно со краткометражниот „Роење птици“ на Ксавиер Марадес. Двајцата автори се гости на фестивалот и ќе одржат мастер-клас посветен на современите пристапи во креативниот документарен филм.
Во чест на Илинденка Петрушева
Еден од посебните настани годинава е посветен на една од најзначајните македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева (1944–2025).
На 22 август во Сули ан ќе се одржи настанот „Така пишуваше Илинка“, со разговор за нејзиното дело и влијание врз македонската филмска култура. Во разговорот ќе учествуваат филмскиот критичар Влатко Галевски, Петар Волнаровски, Саша Дуковски и Русе Арсов, а модератор ќе биде Влатко Галевски.

Настанот ќе биде проследен со проекција на краткометражниот филм „Кино Мортус“ во режија на Ивана Цветковска и продукција на школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“.
Две важни дискусии за иднината на киното
Програмата годинава отвора и прашања што ја надминуваат рамката на филмскиот фестивал.
На 24 август во „Лабораториум“ ќе се одржи панел-дискусијата „Културната инфраструктура пред Европската престолнина на културата 2028“, посветена на состојбата со киноприкажувачката инфраструктура во Скопје и прашањето – каде исчезнаа кината?
Иако градот има фестивали, филмски автори и публика, можностите за редовно гледање домашна, европска и независна кинематографија се ограничени. Панелот ќе отвори разговор за тоа каква филмска инфраструктура му е потребна на Скопје во пресрет на 2028 година.

Ден подоцна, на 25 август, исто така во „Лабораториум“, ќе се одржи панелот „Филмска критика во ера на алгоритми?“, посветен на улогата и значењето на филмската критика во време кога мислењата за филмовите сè почесто се креираат и шират преку дигитални платформи и алгоритми.
На фестивалот ќе учествуваат филмски критичари, новинари, селектори и филмски професионалци од Македонија и странство.

„МакеДокс“ до 27 август ќе понуди програма која ги поврзува филмот, културата, критиката и актуелните општествени прашања, со различни места за средба на авторите и публиката.
Комплетната фестивалска програма е достапна на официјалната страница на „МакеДокс“.