„МакеДокс“ повторно ги собра љубителите на документарниот филм под отворено небо

Седумнаесеттото издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ започна на 20 август во Куршумли ан, кој беше исполнет до последното место. Фестивалот годинава се одржува под мотото „Само сонот е стварност“, во знак на сеќавање на филмологот и филмската критичарка Илинденка Петрушева.
Screenshot

Куршумли ан повторно беше исполнет со љубители на документарниот филм, со што на 20 август официјално беше отворено 17 то издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Фестивалот традиционално започна со поздрав од екипата на „МакеДокс“ кон публиката со кромид в рака, а интересот беше толку голем што Куршумли ан беше исполнет до последното место.

Пред почетокот на филмската програма, на публиката ѝ се обратија Сара Ферро и Дарко Набаков во име на фестивалската екипа.

„Од 20 до 27 август повторно сме заедно под мотото „Само сонот е стварност“. Можеби звучи како бегство од реалноста, но за нас е токму спротивното. Соништата се тие што нè тераат да ја менуваме реалноста, да создаваме, да истражуваме, да се поврзуваме и да веруваме дека нештата можат да бидат поинакви“, посочи Набаков.

Тој нагласи дека мотото годинава има и посебно значење за фестивалот, бидејќи „Само сонот е стварност“ е наслов на книга на една од најзначајните македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева, која во фестивалската заедница била позната како Бабе.

На неговите зборови се надоврза Сара Ферро, која зборуваше за наследството на Петрушева и нејзината посветеност на културата и филмот.

„Тоа што мојата баба Илинденка сите ја викаат Бабе не е случајност, тоа зборува за нејзината широка душа и нејзиното несебично споделување на своето знаење со сите луѓе, а особено со младите кои почнуваат да се занимаваат со култура и филм“, рече Ферро.

Таа потсети дека Петрушева била еден од големите поддржувачи на „МакеДокс“, а нејзината љубов кон културата, филмот, архивите и филмската критика оставила трага врз генерации филмски автори и љубители на киното.

„Иако таа денес гледа филмови на друго место, во некои вечни киносали, вредностите што ни ги остави ќе продолжат да живеат во нас, и да ни бидат водечка сила за достојно да ја продолжиме нејзината мисија“, порача Ферро.

Во своето обраќање таа зборуваше и за улогата на документарниот филм како сведоштво за времето во кое живееме, за луѓето околу нас и за приказните кои често добиваат поинаква тежина кога ќе се изгаснат светлата и ќе се осветли филмското платно.

„Документарниот филм е живо сведоштво за времето во кое живееме, за луѓето околу нас и за вистините кои понекогаш најдобро ги гледаме токму кога ќе се изгаснат светлата и ќе се осветли платното“, рече Ферро.

Седумнаесеттото издание на „МакеДокс“ ќе трае до 27 август, со филмска програма и фестивалски содржини посветени на креативниот документарен филм.

е-Трн да боцка во твојот инбокс