Спиел во автомобил на паркинг пред тренинг, а денес вреди 140 милиони евра

Мајкл Олисе како тинејџер спиел во автомобил на паркинг пред тренинг во Рединг, а денес е ѕвезда на Баерн Минхен вредна 140 милиони евра.

Поранешниот тренер на Мајкл Олисе, Марк Боуен, откри интересна приказна од почетоците на кариерата на францускиот напаѓач, која добро ја покажува неговата необична, но посветена природа.

Олисе, кој денес е еден од најважните играчи на Баерн Минхен, како тинејџер често бил затекнуван како спие во автомобил на паркингот пред тренинг.

„Секое утро кога ќе дојдев на тренинг, Мајкл само седеше во својот автомобил и длабоко спиеше“, раскажа Боуен, кој го водеше Олисе на почетокот на неговата професионална кариера во Рединг.

Во тоа време, Олисе бил тинејџер кој се пробивал во првиот тим на тогашниот англиски второлигаш, а сè уште живеел со семејството во Лондон. За да стигне навреме на тренинг, морал секое утро да тргнува многу рано и да ги избегне големите сообраќајни гужви.

„Рече дека не сака да заглави во сообраќај и да поминува премногу време во автомобил. Веројатно тргнувал уште во 5:30 часот за да стигне навреме“, се присети Боуен.

Но, откако ќе пристигнел на тренинг, Олисе често заспивал зад воланот.

„Кога тренингот ќе почнеше во 9, постарите играчи ме прашуваа: ‘Каде е Мајкл? Зошто доцни?’ Јас им одговарав: ‘Можеби доцни на почетокот на тренингот, но додека вие уште бевте во кревет, тој веќе беше на паркингот.’ Беше само дете и ќе задремеше. Моравме да му чукаме на прозорец за да го разбудиме за тренинг“, раскажа Боуен.

Патот на Олисе до врвот не бил праволиниски. Тој поминал седум години во младинската школа на Челси, откако кратко бил и во Арсенал. На 14 години Челси се откажал од него, иако неговиот талент бил очигледен. Потоа преминал во Манчестер Сити, но таму останал само една година.

На 15 години се преселил во Рединг, каде за помалку од две години успеал да се пробие во првиот тим.

„Зошто по сите тие врвни клубови заврши во Рединг? Единствено што можам да претпоставам е дека тие клубови можеби неговата самодоверба ја доживеале како нешто негативно. Можеби сметале дека треба да биде малку поскромен“, вели Боуен.

Под негово водство, Олисе станал стандарден играч во Рединг, а во 2021 година премина во Crystal Palace, каде се докажа во Премиер лигата.

Баерн Минхен во 2024 година плати 53 милиони евра за францускиот репрезентативец, а таа инвестиција брзо се покажа како целосно оправдана.

Во Минхен, Олисе израсна во еден од највпечатливите таленти во светскиот фудбал. Оваа сезона, во 47 настапи, постигна 20 гола и запиша 29 асистенции. Според Transfermarkt, неговата вредност денес изнесува 140 милиони евра.

За Баерн досега има 40 голови и 52 асистенции во 102 натпревари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни