Случајот на актерката Хилари Свонк, која неодамна објави дека на 52 години го очекува своето трето дете, повторно ја отвори дебатата за тоа кога е предоцна жената да стане мајка.
Гинеколозите велат дека не постои точно определена старосна граница по која жената повеќе не може да стане мајка.
„Сите тие напади и осуди кон актерката која решила да забремени на таа возраст претставуваат голем чекор наназад. За ова зборувавме во минатиот милениум. Тоа е дискриминација врз основа на возраста и полот, кога некој ја сведува жената на нејзината способност да раѓа, а тоа не е добро“, велат тие.
Во меѓувреме, Европа се соочува со една од најсериозните демографски кризи во модерната историја. Падот на бројот на новороденчиња веќе не се смета за локален проблем на одделни држави, туку за заеднички европски тренд.
Како една од главните причини се посочуваат сè подоцнежното осамостојување на младите и одложувањето на формирањето семејство, најчесто поради стремежот кон економска стабилност и недостигот од системска поддршка за усогласување на работата и родителството.
Светската здравствена организација наведува дека приближно секое шесто лице во светот, односно околу 17 отсто од населението, се соочува со неплодност во текот на животот. Сепак, во демографските анкети само 12 отсто од испитаниците ја наведуваат исклучиво биолошката неплодност како причина поради која немаат деца.
За жените кои од различни причини го одложуваат мајчинството, во последните години е достапна и можноста за замрзнување на јајце-клетки, постапка што може да ги промени нивните репродуктивни можности во подоцнежните години.
„Жената во педесеттите е психолошки на врвот на својот развој“
Психотерапевтите сметат дека зад осудувањето на жените кои се одлучуваат за доцно мајчинство и ставовите дека 50 години се предоцна за бременост се кријат стравот од сопствената смртност и стареењето, како и верувања што одамна се надминати.
„Кога станува збор за размислувањето на оваа тема, останавме некаде во каменото доба. Забораваме дека луѓето некогаш живееле меѓу 40 и 45 години, а денес очекуваниот животен век е околу 80 години. Жената во педесеттите години веќе се остварила на различни полиња, ја изградила кариерата, ги дефинирала партнерските односи и ги решила станбените и економските прашања. Во психолошка смисла, таа е на врвот на својот развој и подготвена да стане мајка“, велат тие.
Говорејќи за психолошките предности и предизвици на родителството во подоцнежните години, лекарите сметаат дека зрелоста, емоционалната стабилност и животното искуство можат да придонесат за поквалитетно воспитување на децата. Мајките кои раѓаат подоцна често се посветени на своето потомство.
„Тоа не значи дека не се свесни за времето и годините, туку токму поради тоа се посветени на односот со детето. Чувствителни се и на предрасудите, па затоа мајките кои раѓаат подоцна често имаат изразена склоност кон перфекционизам во односот со своите деца. Недостигот од енергија може да биде предизвик, но енергијата е индивидуална работа“, велат тие
