Search

Магијата на прераскажување приказни: од пештерски слики до тикток видеа

Низ вековите, раскажувањето приказни било суштински дел од човековата култура, комуникација
и опстанок. Од древните пештерски слики до модерните социјални медиуми, секогаш сме се
потпирале на приказни за да пренесеме информации, да споделиме искуства и да се поврземе
еден со друг. Раскажувањето е длабоко вкоренето во историјата на човекот како битие. Долго
пред појавата на пишаниот јазик, нашите предци комуницирале преку усните традиции. Тие
пренесувале совети и предупредувања, знаење, култура и вредности од една генерација на друга
преку приказни околу огнови на племенски собири, стоејќи на испраќање пред вратата на домот,
во тајни одаи, дури и со цртање древни пештерски слики.

Инспирација за оваа колумна најдов во присеќањето на моето детство, во разговор со другарки од
комплетно различни друштва, градови, па дури и држави, она што не обединува е сеќавањето на
приказните со самовили и вештерки кои нашите ни ги раскажувале, или сами сме ги дознале. Кои
реални, кои измислени митови, кои хорор приказни, кои траги-романтики, приказните веројатно
постоеле стотици години пред нашето раѓање и продолжиле да живеат да стигнат до нашите
глави за да ни пренесат знаење.

Покрај маалските приказни, раскажувањето отсекогаш било моќна алатка за пренесување
сложени концепти во образованието, правејќи го учењето попривлечно и поттикнувајќи
разбирање. Наставниците често користат приказни за да ги направат историските настани,
научните феномени и математичките концепти порелатибилни. Овој пристап им помага на
учениците да го запомнат и поефикасно да го применат знаењето.

Дури и во корпоративниот свет, раскажувањето приказни стана камен-темелник на ефективната
комуникација. Успешните бизниси ја препознаа моќта на раскажувањето приказни за да ги
ангажираат клиентите и вработените подеднакво. Маркетарите користат приказни за да создадат
емоционални врски со потрошувачите, додека лидерите користат наративи за да ги инспирираат и
мотивираат своите тимови. Добро креирана и пренесена приказна може да го направи брендот
незаборавен и впечатлив.

Во ерата на социјалните медиуми и дигиталната технологија, раскажувањето приказни добива
нови форми. Сега сите имаме можност да ги споделиме своите приказни со глобалната публика, а
платформите како Instagram, TikTok и YouTube се полни со наративи кои резонираат со луѓе од
сите сфери на животот. На лично ниво, раскажувањето приказни игра клучна улога во градењето
емпатија и разбирање меѓу поединците. Споделувањето на лични искуства, без разлика дали е
радосно или предизвикувачко, ни овозможува да се поврземе со другите на длабоко емотивно
ниво. А бидејќи најчесто личното е политичко (политички аргумент на студентското движење и
вториот бран на феминизмот кој ја истакнува поврзаноста на личното искуство со социјалниот и
политички контект) личните приказни токму денес допираат ширум светот. Актуелните војни и
како цивилното население го пренесува своето искуство преку социјалните мрежи ни дава
уникатна шанса да се соживееме со нашите сограѓани од другиот крај на светот, да помогнеме
доколку можеме и да заземеме позиција и став.

Моќта на раскажувањето е доказ за нашата заедничка хуманост. Тоа е постојана нишка која се
провлекува низ човечката историја, прилагодувајќи се на нашите променливи технологии и
култури. Како што продолжуваме да се развиваме, уметноста на раскажување приказни ќе остане
витално средство за комуникација и поврзување, потсетувајќи нè на нашите заеднички искуства и
моќта на нашите наративи да го обликуваат светот околу нас. Затоа, следниот пат кога ќе се
најдете импресионирани од некоја приказна, запомнете дека сте дел од безвременската
традиција која не обединува сите.

Авторката е студентка по меѓународно право и односи и активистика во студентски движења

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни