Во рамките на 54. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“, на 20 мај со почеток од 20:00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини – едно од најизведуваните дела во светската оперска литература и симбол на трагичната љубовна приказна во класичната музика.
Операта ја носи приказната за младата јапонска гејша Чо Чо Сан, позната како Мадам Батерфлај, која верува во љубовта и ветувањата на американскиот морнар Пинкертон. Низ музичка драма исполнета со надеж, емоции и длабока човечка болка, Пучини создава дело кое повеќе од еден век останува едно од најтрогателните оперски остварувања.

Диригент на претставата е гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, додека режијата ја потпишува Александар Текелиев од Бугарија. Сценографијата е дело на Живојин Трајановиќ, костимографијата ја изработи Лира Грабул, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.
Во насловната улога на Чо Чо Сан ќе настапи познатата италијанска сопранистка Доната Д’Анунцио Ломбарди, додека улогата на Пинкертон ќе ја толкува мексиканскиот тенор Хектор Лопез. Во улогата на Шарплес настапува Енрико Маручи од Италија. Во претставата учествуваат и солистите Марика Поповиќ, Исмет Вејсели, Невен Силјановски, Јане Дунимаглоски, Соња Пендовска Мадевска, Валентина Димитриевска, Марко Димовски, Марко Гапо, Дарко Станојловски, Борко Биџовски, Филип Мирчевски, Никола Чедомировски, Шинаси Рамдан и Васко Здравков, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Мадам Батерфлај“ важи за едно од најмоќните дела на Пучини, во кое композиторот маестрално ги спојува западната оперска традиција и ориенталните музички мотиви. Операта е препознатлива по својата лирска нежност, драматичен интензитет и силна емотивна атмосфера, а токму затоа со децении останува редовен дел од репертоарите на најголемите светски оперски куќи.

Годинешното издание на „Мајски оперски вечери“ повторно носи богата програма со домашни и меѓународни уметници, потврдувајќи го фестивалот како еден од најзначајните културни настани во земјава и регионот.