Како изгледаат приказните што никогаш не стигнуваат до архивите и кој ги чува спомените од секојдневниот живот во маалото? Одговорите на овие прашања ќе се бараат на работилницата за креативно пишување „Маалска архива“, која ќе се одржи на 10 и 11 јуни во Паркот на Франкофонија.
Работилницата е наменета за сите љубители на пишувањето и набљудувањето на секојдневниот живот, без разлика дали имаат претходно искуство или не. Единственото што им е потребно на учесниците е љубопитност и желба да ги истражуваат приказните што се кријат зад маалските улици, разговори и простори.
Во текот на дводневната програма учесниците ќе читаат, ќе собираат инспирација од околината и ќе создаваат фиктивни маалски хроничари, инспирирани од реални луѓе, соседски приказни, заборавени места и локални легенди. Крајната цел е создавање заедничка „маалска архива“ – колективна приказна составена од фикција и реални искуства.
Работилницата ќе ја води Марија Бошковска, програмска координаторка во КСП Центар – Јадро, едукаторка и авторка која во изминатите години развива програми за креативно пишување за деца и млади. Таа е авторка на проза и поезија, како и на книжевни и филмски осврти и приказни за најмладите читатели.
Настанот ќе се одржува од 17 до 19 часот, а организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да се приклучат и да станат дел од создавањето на една необична архива на маалски сеќавања и приказни.