Во говорот одржан во Лувр, пред Мона Лиза на Леонардо да Винчи, Макрон најави дека започнува проект за реновирање на Лувр, „уникатен, најубав и најголем музеј во светот“, пренесува Le Figaro во Париз.
Според него, првиот дел од проектот предвидува изградба на нова, голема влезна порта на источното крило на комплексот.
Како што рече, овој реновиран простор ќе овозможи Лувр да се врати назад во центарот на градот и да го олесни влезот во музејскиот комплекс преку пирамидата што беше отворена во 1989 година според дизајнот на кинеско-американскиот архитект Јо Минг Пеи.
Предлог-буџетот предвидува да се издвојат околу 500 милиони евра за реставраторски работи, почитување на стандардите и одржување, а околу 400 милиони евра за изградба на нов влез на источното крило на Лувр и специјална сала за изложбата на Мона Лиза на Леонардо да Винчи
Деталите за овој проект се чуваа во тајност до денес.
Макрон рече дека еден од изворите на финансирање за реконструкцијата, покрај музејските ресурси, партнерствата и приходите од лиценцата за Лувр Абу Даби, ќе биде и продажбата на билети.
Тој изјави дека и наложил на министерката за култура Рашида Дати да подготви повисоки цени за странските посетители од земјите кои не се членки на ЕУ, почнувајќи од 2026 година.
Макрон истакна дека по реновирањето, Лувр ќе може да прими до 12 милиони посетители, наместо сегашните нешто помалку од 9 милиони. Макрон го претстави планот за реновирање на Лувр откако Лоран де Кар, првата жена на чело на музејот, испрати писмо до министерката за култура Рашида Дата претходно овој месец, изразувајќи загриженост за неговата состојба.
Таа предупреди за штетите што постојат во музејските простори, од кои некои се во многу лоша состојба.
Таа изјави дека некои области веќе не се водонепропустливи, а некои доживуваат значителни температурни варијации, што го загрозува зачувувањето на уметничките дела.