Капитенот на хрватската репрезентација беше опериран по повредата здобиена во воздушен дуел со Мануел Локатели на натпреварот меѓу Милан и Јувентус.
Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација, Лука Модриќ, успешно беше опериран по повредата на левата јаболчна коска, соопшти Хрватскиот фудбалски сојуз.
Модриќ се повреди во воздушен дуел со фудбалерот на Јувентус, Мануел Локатели, за време на натпреварот од 34. коло во Серија А, одигран во Милано.
По натпреварот биле направени потребните медицински прегледи, по кои било утврдено дека има фрактура на левата јаболчна коска. Повредата била успешно санирана со оперативен зафат во понеделник.
Лекарската служба на хрватската репрезентација од првиот момент е во постојан контакт со лекарите на Милан и со Модриќ, како и со стручниот штаб предводен од селекторот Златко Далиќ.
„Во постојан контакт сме со лекарската служба на Милан и, во координација со нив и во договор со Лука, внимателно ќе го следиме текот на неговото закрепнување. Според досегашните искуства со вакви повреди, веруваме дека капитенот ќе биде подготвен за настап на претстојното Светско првенство“, изјави лекарот на репрезентацијата, д-р Томислав Влаховиќ.
Селекторот Златко Далиќ разговарал со Модриќ и му посакал брзо закрепнување.
„Разговарав со Лука, му посакав успешна операција и, секако, квалитетно и што побрзо закрепнување. Сигурен сум дека Лука ќе направи сè за да биде подготвен за Светското првенство, а ние ќе му бидеме максимална поддршка. Убеден сум дека опоравувањето ќе оди според планот и дека Лука како капитен ќе нè поведе на уште едно големо натпреварување ова лето“, изјави Далиќ.