Луфтханза укинува 1.000 работни места во Франкфурт и Минхен поради загуби

Главниот авиопревозник на германската групација бележи просечен месечен минус од 20 милиони евра поради скапото гориво и штрајковите.

Германскиот авиопревозник Луфтханза најави укинување на 1.000 работни места со полно работно време на аеродромите во Франкфурт и Минхен. Одлуката е директна последица на финансиските загуби на „Луфтханза ерлајнс“ (Lufthansa Airlines), главната компанија во рамки на пошироката групација, која од јануари до септември годинава бележи просечен месечен минус од 20 милиони евра.

Според интерното писмо испратено до вработените, на кое се повикува „Еуроњуз“, закрепнувањето на компанијата го забавиле штрајковите на пилотите и кабинскиот персонал, како и наглиот скок на цените на горивото по почетокот на војната во Иран. Овие 1.000 позиции претставуваат околу 2,5 отсто од вкупно 40.000 вработени во главната авиокомпанија на Луфтханза.

„Годината 2026 нè врати назад. Војната на Блискиот Исток, сè уште многу високите трошоци за гориво, деветте дена штрајк и нашата ионака висока трошковна база дополнително ја влошија ситуацијата“, наведува раководството во писмото.

Иако планот за реструктуирање од 2024 година предвидуваше повеќе од 700 мерки за зголемување на заработката за 2,5 милијарди евра до 2028 година, управата предупредува дека тие чекори повеќе не се доволни. Компанијата сè уште не потврдила дали новите 1.000 откази се дел од ланскиот план на целата групација за укинување на 4.000 претежно административни позиции до 2030 година.

Додека главниот бренд се соочува со пад на оперативната добивка во третиот квартал за една третина, на околу 300 милиони евра, остатокот од групацијата работи со подобри резултати. Во нејзин состав влегуваат швајцарскиот „Свис“ (SWISS), австрискиот „Остријан ерлајнс“ (Austrian Airlines), белгискиот „Браселс ерлајнс“ (Brussels Airlines), германскиот „Еуровингс“ (Eurowings) и 41 отсто удел во италијанскиот „ИТА ервејс“ (ITA Airways). Групацијата исто така планира да купи до 49,9 отсто од португалскиот ТАП (TAP) за сума до 1,2 милијарди евра.

На ниво на целата групација, вкупната нето-добивка во првите девет месеци од 2026 година падна за 35 отсто и изнесува 715 милиони евра. На 3 ноември раководството ги намали годишните очекувања за прилагодената оперативна добивка на интервал меѓу 1,7 и 2 милијарди евра, наспроти претходната проекција до 2,2 милијарди евра.

Трошоците за гориво остануваат најголем товар за буџетот. Проценките на компанијата покажуваат дека целата групација годинава за гориво ќе потроши 9,3 милијарди евра, што е за околу две милијарди евра повеќе отколку лани. Овој раст се случува и покрај тоа што Луфтханза до октомври откажа 20.000 летови на пократки релации со цел да ја намали потрошувачката.


„Сега мораме да го забрзаме финансиското закрепнување на нашиот главен бренд“, порача извршниот директор Карстен Шпор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс