Германската авиокомпанија Луфтханза соопшти дека ова лето ќе намали 20.000 кратки летови од својот распоред, во обид да ги ублажи растечките трошоци за гориво за авиони. Компанијата наведува дека со овој потег ќе заштеди околу 40.000 тони гориво до октомври, а кратењата претставуваат околу 1 отсто од нејзините вкупно достапни седишни километри.
Поголемиот дел од намалувањата доаѓаат по затворањето на загубарската флота CityLine и повлекувањето на 27 авиони и укинување на 1.300 работни места. Луфтханза соопшти дека зад одлуката стојат повеќе фактори, меѓу кои цената на горивото за авиони, која според компанијата е повеќе од двојно зголемена, како и работни спорови со вработените.
Овој потег доаѓа во време кога авиокомпаниите низ Европа се соочуваат со силен притисок поради високите цени на горивото, додека неизвесноста околу Ормускиот теснец отвора и дополнителни стравувања за снабдувањето. Sky News наведува дека дел од индустријата предупредува оти европските резерви на гориво за авиони би можеле опасно да се намалат ако теснецот не се отвори наскоро.
Луфтханза најави дека ја консолидира својата европска мрежа, што значи дека непрофитабилните линии од Франкфурт и Минхен ќе бидат укинати, додека постојните рути од Цирих, Брисел и Виена ќе се прошират. Компанијата додава дека патниците и понатаму ќе имаат пристап до нејзината глобална мрежа и до врските на долги релации.
На крајот на летото, делумно ќе се намали и капацитетот на долгите летови, бидејќи Луфтханза ќе изгуби шест интерконтинентални авиони. Два авиона Boeing 747 ќе бидат приземјени во текот на зимата пред нивното конечно повлекување во 2027 година, додека четири Airbus A340-600 трајно ќе бидат пензионирани во октомври.