Младите се за нормализација на љубовните врски на работа

Истражување на апликацијата Hily покажува дека канцеларијата останува едно од ретките места за спонтано запознавање, и по цена на отказ.

Ново истражување на апликацијата за запознавање Hily покажува дека млади од генерацијата З и милениумците сè повеќе влегуваат во романтични врски со колеги на работа. Речиси третина од анкетираните би дале отказ за да започнат ваква врска, а над половина сметаат дека таквите односи треба целосно да се нормализираат.

Според истражувањето на апликацијата за запознавање Hily, 72 отсто од припадниците на генерацијата З и 85 отсто од милениумците барем еднаш почувствувале симпатии кон колега или колешка на работа. Бројката не изненадува ако се земе предвид колку време луѓето поминуваат заедно на работно место. Канцелариската врска кај многумина сепак носи призвук на нешто забрането, а токму тоа за некои претставува дополнителна привлечност.

Истражувањето покажа дека речиси третина од припадниците на генерацијата З и милениумците би дале отказ за да можат да започнат врска со колега или колешка. Ставовите кон темата видливо се менуваат. Дури 44 отсто од испитаниците од двете генерации сметаат дека воопшто не треба да постои правило кое ги забранува љубовните врски на работа. Освен тоа, 53 отсто од генерацијата З и 52 отсто од милениумците мислат дека ваквите односи треба целосно да се нормализираат.

Кадровските служби велат дека врските на работа сами по себе не се спорни, но под неколку услови. Односот мора да биде взаемен и целосно доброволен, границите на работното место мора да бидат јасни, а посебно е важно да не постои однос на надреденост и подреденост меѓу партнерите. Проблем, според нив, не е самата романса, туку ситуациите во кои приватниот однос почнува да се прелева на работата или создава нерамнотежа на моќ.

Апликациите денес во голема мера го обликуваат запознавањето, но работата за многумина сепак останува едно од ретките места каде некој може да се запознае спонтано, без свајпање и допишување со денови. На работно место луѓето се поврзуваат поприродно: поминуваат многу време заедно, имаат слични цели и ги делат истите стресови, а токму тоа често создава блискост.

Во извештајот на Hily се наведува дека канцелариските романси не исчезнуваат, туку се менуваат. Додека традиционалните начини на запознавање се трансформираат, работното место останува еден од ретките простори каде сè уште се случуваат спонтани поврзувања, стои во извештајот, пренесено во превод.

Луѓето денес кон таквите врски пристапуваат понијансирано отколку порано. Отворени се кон можноста, но остануваат претпазливи. Мнозина се подготвени да истражат врска на работа, но под сопствени услови, со постојано мерење на можните последици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс