Љубов, срамежливост и погледите на другите: „Тест на издржливост“ вечерва во Кинотеката

Деветнаесетгодишниот Иго се враќа на семејниот остров со девојка која целосно се разликува од него. Летото што требало да биде како сите претходни се претвора во искуство што ја става нивната врска под лупа.

Деветнаесетгодишниот Иго секое лето го поминува на истото место – во малата семејна куќа на остров во Атлантскиот Океан. Но, ова лето носи промени што нема да останат незабележани. Иго физички созреал, а на островот за првпат пристигнува со својата девојка Квин, темпераментна козметичарка чиј впечатлив стил е во целосна спротивност со неговата срамежливост и воздржаност.

Нивната различност брзо станува тема на интерес за луѓето околу нив, а приватната врска се претвора во нешто што постојано е изложено на туѓите погледи и процени.

Ова е приказната во францускиот филм „Тест на издржливост“ во режија на Орелијан Пере, кој вечерва, во 20 часот, ќе биде прикажан во Кинотеката во Скопје.

Во главните улоги се Феликс Лефевр, Ања Вендероза и Сузан Жуане. Филмот ќе биде прикажан со превод на македонски јазик, во соработка со Францускиот институт.


Билетите се достапни на билетарницата во Кинотеката.

е-Трн да боцка во твојот инбокс