Тој потврди неодамнешни извештаи од странски медиуми дека Москва би можела да подготвува ограничени напади врз клучната инфраструктура во регионот, преку конвенционални или други средства.
„Имаме такви сигнали кои ги добиваме од нашите разузнавачки служби”, изјави Науседа. „Тие не прецизираат конкретно место ниту време, бидејќи тоа едноставно е невозможно да се утврди. Спротивната страна можеби дури и не го завршила процесот на планирање, а ние можеби знаеме само за самото планирање или за целта.“
Претседателот додаде дека не може да негира дека располагаат со информации кои се однесуваат на таканаречени кинетички операции, не во голем обем, туку насочени, таргетирани операции кои најверојатно би биле насочени кон критичната инфраструктура.
Според Науседа, Литванија неодамна ја зајакна заштитата на својата клучна транспортна и енергетска инфраструктура како одговор на закана. Тој истакна дека властите се подготвуваат за широк спектар можни напади кои би можеле да го нарушат функционирањето на клучните објекти.
„Важно е сè што би можело да ги запре овие објекти да функционираат, бидејќи тие се важни не само сами по себе, туку и затоа што го обезбедуваат функционирањето на целиот систем, особено нашата синхронизација со континенталната европска електроенергетска мрежа”, рече тој.
Литванија, членка на НАТО која граничи со руската ексклава Калининград и со Белорусија, ги засили издвојувањата од буџетот за одбраната од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година. Полска, претходно овој месец соопшти дека западните разузнавачки служби се загрижени за можноста од руски напади врз нејзината територија и врз балтичките држави. Земјите на источното крило на НАТО повеќекратно предупредуваа за зголемен ризик од руска саботажа и хибридни операции откако Москва ја започна целосната инвазија на Украина, обвиненија кои Русија редовно ги отфрла, тврдејќи дека станува збор за дел од антируска пропагандна кампања.