Може ли литературата навистина да го менува светот или барем да го менува начинот на кој го гледаме светот? Во разговор за Трн, Ксенија Николова и Виола Ардоне отвораат прашања што одамна ја надминуваат книжевноста: што значи да се биде жена денес, дали пишувањето е форма на активизам и каде се границите на слободата.
Од личното искуство како творечки процес до колективната борба за еднаквост, двете авторки се согласуваат во едно, литературата можеби не нуди готови одговори, но има моќ да ги отвора најважните прашања. Таа создава простор каде се рушат табуа, се преиспитуваат улогите и се гради заедница што не се плаши да зборува.
Во време кога формалната еднаквост не секогаш значи и реална, зборот останува едно од најсилните средства за разбирање, отпор и промена.

Трн: Колку денес литературата има моќ да ја менува перцепцијата за еднаквоста и местото на жената во општеството?
Ксенија: Секако дека има голема моќ. Литературата, а и уметноста генерално, имаат способност да посочуваат и да отвораат прашања што се важни. Ние немаме секогаш одговори, но можеме да го насочиме вниманието кон теми за кои вреди да се размислува и да се гледаат од различни агли.
Забележувам дека колку поавтентично творам, колку повеќе слобода си дозволувам, толку повеќе се поместуваат границите. Преку пишувањето разговарам и сама со себе, но и ги пресликувам искуствата на жените во општеството. Така, полека се рушат бариерите и со текот на времето се менува перцепцијата.
Виола: Не сум сигурна дека литературата може директно да го промени општеството, но сигурно може да ни ги отвори очите. Таа раскажува приказни, создава разбирање и го менува начинот на кој гледаме на светот, вклучително и односите меѓу мажите и жените.
Трн: Дали пишувањето за тебе е форма на активизам?
Ксенија: Апсолутно, пред сè е личен активизам. Од мала пишувањето ми било прибежиште – место каде што наоѓам слобода и разбирање, без осуда.
Со текот на времето, кога сфаќаш дека твојот глас допира до публика, тоа природно преминува во општествен активизам. Преку делата се поврзувам со читателите и заедно создаваме простор каде што сме поотворени да зборуваме за важни теми.
Трн: Какво е чувството кога знаеш дека допираш до многу жени?
Ксенија: Чувството е дека ја живеам својата вистина. Она што го носам во себе го пренесувам на публиката. Но истовремено, тоа носи и одговорност и смелост да се зборува за тешки, често лични теми. Свесна сум дека можеби охрабрувам некого, дека создаваме заедница во која не сме сами, особено кога поминуваме низ тешки лични борби кои сè уште се табу во нашето општество.
Тогаш сфаќаш дека токму така нештата почнуваат да се менуваат. Некогаш и најблиските не можат целосно да нè разберат, но кога знаеш дека постојат луѓе кои минуваат низ истото станува полесно.
Трн: Каква е улогата на мажите во процесот на постигнување родова еднаквост?
Ксенија: Клучна. Сите сме поврзани и зависиме едни од други во општеството.
Интересно е што низ годините многу се зборува за зајакнување на жените, но многу помалку за зајакнување на мажите, односно за нивниот поглед кон овие прашања. Тоа е нешто на што треба повеќе да се работи. Воспитувањето, образованието и културата се суштината. Тука треба да се прават промени ако сакаме вистинска еднаквост.

Виола: Да бидат дел од неа. Ова не е само женска борба, тоа е заедничка борба на мажите и жените.
Трн: Што значи да се биде современа жена денес?
Виола: Simone de Beauvoir рече дека да се биде жена е процес, а не состојба. Се согласувам со тоа, затоа што жените низ времето морале да прават многу повеќе чекори за да постигнат нешта кои за мажите често се подразбираат.
Трн: Кои се најголемите предизвици кога станува збор за човековите права денес, особено во Италија?
Виола: Во еден од моите романи се навраќам во минатото, Италија од 20 век, кога постоел закон според кој жена која била силувана морала да се омажи за напаѓачот. Тоа денес звучи незамисливо. Денес имаме формална еднаквост пред законот, но не и во реалноста. Сè уште постојат нееднаквости во платите, во правата во секојдневниот живот, како и во насилството врз жените, кое останува сериозен проблем во семејството и општеството.
Трн: Дали слободата е лична или колективна борба за жените?
Виола : Тоа е и лично и политичко прашање. Но, верувам дека жените мора да бидат заедно и да се борат заедно. Само така може да се постигне вистинска промена.
Трн: Какво е чувството кога вашите книги допираат до луѓе во различни земји?
Виола: Тоа е навистина чудесно чувство. Среќна сум што приказните што ги раскажувам се универзални – зборуваат за деца, за жени, за луѓе кои често се изоставени од официјалната историја. Литературата им дава простор на тие гласови и им овозможува нивните приказни да бидат слушнати.