СТОП за насилство врз животните? АХВ воведува казни до 5.000 евра и доживотна забрана за миленици

АХВ подготви измени за заштита на животните со казни до 5.000 евра, забрана за поседување миленици и построги правила за сопствениците.

Агенцијата за храна и ветеринарство подготви значајни измени на законската рамка за заштита на животните, со кои се воведуваат построги обврски за сопствениците и значително повисоки казни за прекршителите. Предлогот е изработен во соработка со повеќе институции и здруженија, но сè уште останува нејасно дали официјално е доставен до Министерството за земјоделство.

Непочитувањето на правилата за чување и движење на кучиња ќе се казнува со околу 400 евра, додека за потешки прекршоци (сурово постапување, нанесување болка или убивање на животни) се предвидуваат парични санкции до 5.000 евра. Една од најстрогите новини е трајна забрана за поседување миленици за лица кои ги напуштиле своите животни. Исто така, се забранува постојано врзување или затворање на кучиња без обезбедено секојдневно движење, а се укинуваат и практиките на ритуално усмртување на животни.

Во насока на контрола на популацијата, се воведува задолжителна стерилизација на домашни кучиња, евиденција на секое легло кај ветеринар и ограничување на најмногу едно легло годишно по животно. Паралелно, се предвидува воспоставување центри за згрижување на бездомни животни, можност за привремено вдомување, како и регистар за пансиони, одгледувачници и продавници, со засилен надзор од полицијата и локалните инспекторати.

Иако од Агенцијата тврдат дека предлогот е доставен до ресорното министерство уште во почетокот на април, од Министерството засега не потврдуваат прием. Во меѓувреме, најавени се јавни презентации низ целата земја со цел граѓаните да се вклучат во процесот на донесување на законот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни