Linkedin подготвува масовни откази: Илјадници вработени би можеле да останат без работа

Компанијата LinkedIn, во сопственост на Microsoft, подготвува отпуштање на околу пет проценти од вработените како дел од голема реорганизација, и покрај растот на приходите.

Социјалната и деловна мрежа Linkedin, која е во сопственост на технолошкиот гигант Microsoft, подготвува отпуштање на околу пет проценти од своите вработени во рамки на нова реорганизација на компанијата, објави агенцијата Reuters.

Според информации од извори блиски до компанијата, Linkedin планира трансформација на дел од тимовите и пренасочување на ресурсите кон сегменти кои бележат најголем раст и профитабилност.

Во моментов компанијата има повеќе од 17.500 вработени ширум светот, но засега не е познато кои оддели ќе бидат погодени од кратењата.

Откази и покрај растот на приходите

Информацијата за отпуштањата доаѓа иако Linkedin во последниот квартал пријави раст на приходите од 12 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Изворите наведуваат дека намалувањето на бројот на вработени не е директно поврзано со замена на работните места со вештачка интелигенција, туку со поширока стратегија за реорганизација и оптимизација на работењето.

Нов бран кратења во технолошкиот сектор

Овој потег се вклопува во поширокиот тренд на реструктуирања и кратења во глобалниот технолошки сектор, каде голем број компании во последните две години ги намалуваат трошоците и ги реорганизираат своите тимови по периодот на агресивно вработување.

Засега од Linkedin нема официјално соопштение со детали за бројот на луѓе кои ќе бидат погодени, ниту временската рамка за спроведување на отпуштањата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс