30 години Ликовна колонија Кавадарци одбележани со изложба во Тирана

Во Македонскиот културен центар во Тирана се претставени дела од 30 уметници од повеќе земји, создадени во рамки на Ликовната колонија Кавадарци, која годинава одбележува три децении постоење.

Во Македонскиот културен центар во Тирана на 5 јуни беше отворена изложба со која се одбележуваат 30 години од постоењето на Ликовната колонија Кавадарци.

На изложбата се претставени дела од 30 ликовни уметници, создадени за време на нивниот престој на колонијата. Авторите доаѓаат од повеќе земји, меѓу кои Северна Македонија, Албанија, Косово, Бугарија, Србија, Грција, Англија и Турција.

Куратор на изложбата и организатор на Ликовната колонија Кавадарци е македонскиот уметник Владимир Темков. По повод јубилејот, тој истакна дека низ тридецениското постоење на колонијата учествувале повеќе од 500 уметници од Европа, со што таа прераснала во значајна платформа за уметничка комуникација, соработка и творечка размена.

Дел од изложбата е и македонската уметница Радица Лелова Докузовска, која се претставува со свое дело. Отворањето привлече и посетители и уметници од Албанија, Италија, Белгија, САД и Украина, од кои дел изразиле интерес да учествуваат на следното издание на колонијата во Кавадарци.

Со оваа изложба, Македонскиот културен центар во Тирана ја продолжува својата мисија за промоција на македонската култура надвор од земјата, но и за создавање нови простори за средби, контакти и соработка меѓу уметниците од регионот и пошироко.

Изложбата ќе биде отворена за посетители во текот на месец јуни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс