Лето под притисок: три сценарија што ќе ги диктираат цените на летовите и одморите во Европа

Од скапи билети до можен недостиг на гориво – три сценарија покажуваат што ја чека Европа летото 2026 поради кризата на Блискиот Исток.

Европа се подготвува за неизвесно и турбулентно лето, дури и ако конфликтот на Блискиот Исток заврши во најскоро време. Проблемите со снабдување со авионско гориво, поврзани со прекините во транспортот преку Ормутскиот теснец, веќе ги зголемуваат трошоците за авиокомпаниите, а тоа директно се прелева врз цените на билетите и достапноста на летовите во екот на туристичката сезона.

Европската Унија и онака не произведува доволно авионско гориво за сопствените потреби – рафинериите покриваат околу 70 проценти од побарувачката. Тоа значи дека секое подолго нарушување на транспортните рути може да предизвика сериозен притисок врз пазарот.

Во игра се три сценарија од најоптимистичко до најризично.

Добро сценарио: Брз крај на кризата

Доколку конфликтот брзо заврши и Ормутскиот теснец повторно се отвори, состојбата нема веднаш да се нормализира. Ќе бидат потребни недели, па и месеци, за синџирите на снабдување да се стабилизираат и танкерите да пристигнат во Европа.

Во вакви услови, летовите би продолжиле без масовни откажувања, но цените на билетите би останале високи. Пазарот би функционирал, но под притисок со поскапи патувања и ограничени попусти.

Најреалната опција, според аналитичарите, е делумно отворање на транспортните рути со повремени прекини. Тоа би значело нестабилно снабдување и постојано високи цени на горивото.

Во таква ситуација, авиокомпаниите најверојатно ќе ги кратат помалку профитабилните линии. Први на удар би биле регионалните летови и далечните туристички дестинации со помала побарувачка. Патниците, пак, би се соочиле со повисоки цени, дополнителни трошоци за гориво и помал избор.

Овој тренд веќе се чувствува дел од компаниите најавуваат намалување на летовите за да ги оптимизираат трошоците, а дел од товарот директно го префрлаат на патниците.

Најлошо сценарио: Продолжена криза и недостиг

Ако конфликтот продолжи и прекините во транспортот се пролонгираат, Европа би можела да се соочи со вистински недостиг на авионско гориво. Во таков случај, приоритет повеќе нема да биде цената, туку достапноста.

Можно е воведување мерки за ограничување на летовите, кратење на капацитетите и директно „рационализирање“ на побарувачката. Тоа би значело значително помал број летови, сериозни нарушувања во сообраќајот и дополнителен притисок врз целата авијациска индустрија.

Особено ранливи би биле нискобуџетните авиокомпании, чиј модел се потпира на евтини билети и висока искористеност на авионите – нешто што тешко опстанува во услови на скапо и ограничено гориво.

Без разлика кое сценарио ќе преовлада, едно е јасно: летото 2026 нема да биде вообичаено. За патниците тоа значи поскапи билети и повеќе неизвесност, а за индустријата тест на издржливост во услови на двоен притисок: и од цените, и од недостигот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни