Летен аларм во спалната соба: Колку често навистина треба да ги менуваме чаршафите кога е пекол надвор?

Потта, кремите за сончање и поленот со брзина на светлината го претвораат креветот во легло на бактерии – еве го водичот за спас на кожата и мирен сон.

Летните тропски ноќи можат да го претворат спиењето во вистинско мачење, а тоа остава сериозни последици врз хигиената во нашиот кревет. Иако чаршафите можеби ви изгледаат чисти „на око“, во текот на летото тие со енормна брзина се полнат со пот, телесни маснотии, мртви клетки од кожата, но и со остатоци од креми за сончање, козметика и полен кој го внесуваме однадвор, најчесто преку косата. Метеоролошкиот пекол бара и нова рутина во спалната соба, бидејќи класичното перење од зимскиот период сега не брка работа.

Златното правило на експертите е дека во лето постелнината мора да се пере најмалку еднаш неделно. Меѓутоа, ако спаѓате во оние на кои постојано им е топло, се будите жива вода испотени, патите од сезонски алергии или пак го делите креветот со домашно милениче, чаршафите мора да ги менувате на секои 3 до 4 дена. Посебен удар трпат навлаките за перници – тие се вистински магнет за маснотиите од лицето, плунката и производите за коса, па затоа е најпаметно нив да ги менувате дури и двапати неделно за да си го спасите лицето од акни и иритации.

Кога станува збор за одржувањето, памучните, ленените и постелнините од бамбус најдобро е да се перат во топла вода на стандардна програма. Бидејќи во текот на летото машината за перење работи „со полна пареа“, притисокот врз ткаенините е огромен. Затоа, се препорачува користење на благи, течни детергенти со неутрална pH вредност. Силните и агресивни прашоци содржат тешки хемикалии кои не само што брзо ќе ја уништат и истанкаат постелнината, туку во комбинација со потта можат да предизвикаат непријатни осипи и алергиски реакции на кожата.

За да не се претворите во роб на перењето чаршафи, постојат неколку златни трикови со кои ќе ја зачувате свежината во креветот подолго. Прво и основно – задолжително туширање пред легнување за да ја измиете потта и поленот од себе. Второ, заборавете на спиењето со отворен прозорец во деновите со висока концентрација на прашина (наместо тоа, изладете ја собата со клима уред или пуштете вентилатор). Исто така, во текот на летото забранете им го пристапот на кучињата и мачињата во креветот и, секако, целосно заборавете на грицкањето чипс или храна во спалната соба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс