Search

Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта со нови активности за промоција на македонскиот јазик и култура

Од 17- ти до 24-ти април професорката Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Гордана Алексова, ќе одржи предавања на две теми од областа на македонскиот јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Професорката Алексова својата работна посета ја остварува преку мрежата Словенска филологија и нејзиниот културен контекст на програмата за мобилност CEEPUS, како гостин предавач на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта.

На 18 април во библиотеката на Институтот за славистика и балтичка филологија, професор Алексова го одржа своето прво предавање на тема: „ДА- конструкција во македонскиот јазик – граматички и стилистички карактеристики пред колегите и студентите на Институтот за славистика и балтичка филологија“.

На 23 април во вторник професор Алексова ќе одржи уште едно предавање на тема: „Интеркултурните компетенции на учебниците по македонски јазик – теоретски и практичен преглед.“, а по договор со студентите на Лекторатот по македонски јазик ќе одржи и предавање за Видови предмет во македонскиот јазик, тема која им задава потешкотии во совладувањето на македонскиот јазик.

Лекторот Златко Панзов најавува уште два настани до крајот на семестарот, односно средината на месец јуни. Во рамките на манифестацијата „Цртај на македонски јазик“ младата уметница Јана Борбала Панзов ќе го реализира и претстави проектот „Цртај, слушај и чувствувај на македонски јазик“ пред своите врсници од македонската дијаспора во Унгарија, а на средината на јуни, Лекторатот по македонски јазик во соработка со Институтот за унгарски вина, музичкото дуо БудаПесме и винаријата Попов, како главен поддржувач и покровител, во Будимпешта ќе биде организирана Македонска вечер (вечер на македонско вино и македонска изворна музика).

Најново

Последни колумни