Данскиот производител LEGO го претстави својот најголем сет досега – минијатурна верзија на познатата базилика Саграда Фамилија во Барселона. Моделот е создаден по повод 100 години од смртта на славниот архитект Антони Гауди и содржи дури 12.060 делови.
Импресивниот сет е висок 62 сантиметри и детално ја прикажува една од најпрепознатливите градби во светот. Вистинската Саграда Фамилија достигнува висина од 172,5 метри и претставува највисока христијанска црква на светот, а нејзината изградба трае повеќе од еден век.
Особено внимание е посветено на витражите, кои се изработени со проѕирни елементи во различни бои за да го доловат ефектот на светлината што навлегува во внатрешноста на базиликата. Од LEGO истакнуваат дека целта била да се оддаде почит на визијата на Гауди и да се пренесе сложеноста на овој архитектонски проект преку уникатно искуство за љубителите на коцките.
Изградбата на Саграда Фамилија започнала во 1882 година. Гауди замислил монументална градба со 18 кули кои симболизираат библиски личности. Кога архитектот починал во 1926 година, бил завршен само мал дел од базиликата, а дополнителни предизвици се појавиле по уништувањето на дел од неговите оригинални нацрти за време на Шпанската граѓанска војна.
Иако работите сè уште продолжуваат, централната кула посветена на Исус Христос беше завршена претходно оваа година, што симболично го означи крајот на еден од најдолгите градежни проекти во Европа.
Новиот LEGO сет ќе се продава по цена од 750 евра. Преднарачките веќе се отворени, а официјалната продажба започнува на 1 ноември.