Ќе се „чешлаат“ боледувањата: Откриени над 3000 злоупотреби, најмногу во МВР и АРМ

Фондот за здравствено осигурување и Обвинителството отвораат истраги за лажните отсуства од работа, под лупа и лекарите и комисиите.

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) најави обемна истрага по откривањето на повеќе од 3.000 случаи на злоупотреба на боледувања во јавниот сектор. Најголем дел од забележаните прекршувања се регистрирани кај припадниците на Армијата и Министерството за внатрешни работи. Сите сомнежи за незаконско стекнување материјална корист ќе бидат препратени до Обвинителството, а постапките ќе ги опфатат и медицинските лица кои ги потпишувале извештаите.

Податоците од спроведените анализи во Фондот покажуваат дека во униформираните служби со години се толерирале фиктивни здравствени проблеми. Во Министерството за внатрешни работи и во Армијата се евидентирани случаи каде поединечни вработени користеле непрекинато боледување подолго од пет години.

Поголемиот дел од детектираните над 3.000 злоупотреби се однесуваат на отсуства во времетраење од една до три години, како и од три до пет години. Поради индициите за организирано избегнување на работните обврски и неосновано влечење средства од буџетот, случаите добиваат правна завршница пред правосудните органи.

Борбата против лажните боледувања нема да запре само кај вработените кои ги користеле отсуствата. Постапките ќе ги опфатат сите карики во системот што овозможиле вакви манипулации.

Под лупа на инспекторите и истражителите влегуваат матичните лекари и лекарите специјалисти кои ги издавале медицинските извештаи и дијагнози. Паралелно со нив, ќе се проверува и одговорноста на членовите на лекарските комисии во рамки на самиот ФЗОМ, кои ги одобрувале продолжените отсуства од работа.

Покрај системската проверка на боледувањата подолги од 30 дена, најавено е и значително затегнување на процедурите за одобрување медицински третмани надвор од државата.

Фондот воведува дополнителни механизми за филтрирање на сите барања за упатување на лекување во странство. Целта е да се спречат евентуални злоупотреби со Фондските средства и да се обезбеди паричните дознаки да завршуваат исклучиво кај пациентите на кои зависно од здравствената состојба им е неопходна медицинска помош што не може да се пружи во домашните здравствени установи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс