Лажни бомби, вистинска паника: Малолетници уапсени во Хрватска по закани преку гејмерски четови

Полицијата во Хрватска уапси малолетници поврзани со околу 220 дојави за бомби. Заканите биле координирани преку онлајн гејмерски групи.

Полицијата во Хрватска приведе најмалку три лица, меѓу кои и малолетници, поради сомнение дека стојат зад бран од лажни дојави за бомби кои во изминатите денови предизвикаа паника низ земјата. Истрагата покажала дека осомничените испратиле околу 220 заканувачки мејлови до институции, вклучувајќи полициски станици, болници, училишта, градинки, медиуми и трговски центри.

Првично случаите биле третирани како лажно пријавување, но по дополнителни проверки во Загреб и Сплит, истражителите утврдиле дека станува збор за координирана акција со цел ширење страв и вознемирување на јавноста, што отвори можност за квалификација како тероризам.

Во Далмација се уапсени две лица, меѓу кои и средношколец, додека во Загреб е приведен 15-годишник. Иако не се познавале лично, сите биле активни во исти онлајн гејмерски групи, каде, според полицијата, се појавила идејата за испраќање заканувачки пораки.

Надлежните служби сега проверуваат дали зад овие активности стојат и трети лица кои можеби ги поттикнувале малолетниците да шират паника.

Анализата на пораките покажала сличности во содржината, но и обиди да се доведе во заблуда истрагата – во дел од нив се споменувале наводни терористички ќелии, а јазикот сугерирал различно потекло на испраќачите.

За делото за кое се товарат е предвидена казна затвор од една до осум години, а конечната правна квалификација ќе зависи од одлуката на обвинителството. Случајот отвора сериозни прашања за влијанието на онлајн заедниците врз младите и потенцијалот за злоупотреба на дигиталните платформи за ширење страв.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни