Лавров од Техеран му одговори на Трамп: Борбата на Иран е праведна цел

Москва порача дека не отстапува од договорите со Техеран, додека Вашингтон калкулира со санкциите заради преговорите за Украина.
Фото: EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на посетата на Техеран изјави дека иранската борба претставува праведна цел, испраќајќи директен одговор на тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Москва прави премалку за својот партнер. Додека Вашингтон го ублажува економскиот притисок врз Русија за да ги задржи мировните преговори за Украина, руската дипломатија потврди дека останува цврсто поврзана со Иран преку дипломатска заштита во Обединетите нации и продолжување на економските договори.

На заедничката прес-конференција со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, шефот на руската дипломатија изјави дека позицијата на Техеран во конфликтот со САД и Израел е оправдана. Тој посочи дека кризата на Блискиот Исток е вештачки предизвикана од воените дејства на Вашингтон и Тел Авив.

Оваа изјава доаѓа непосредно откако Доналд Трамп на социјалната мрежа „Трут соушл“ напиша дека Русија прави многу малку за да му помогне на Иран во споредба со нејзините реални можности, додавајќи дека сака таквата состојба да остане непроменета.

Американскиот претседател јавно ги бранеше своите одлуки за намалување на економскиот притисок врз Кремљ. Трамп наведе дека воведувањето нови санкции кон Москва може целосно да ги прекине разговорите за прекин на војната во Украина. Според неговите зборови, приоритет на Белата куќа во моментов е постигнување мировен договор, поради што не сака да повлече потези што би ја оддалечиле руската страна од преговарачката маса.

Истовремено, Трамп упати критики кон украинскиот претседател Володимир Зеленски. Американскиот претседател оцени дека украинските напади врз руските рафинерии му штетат на глобалниот пазар на дизел и предизвикуваат економски проблеми за земјоделците и потрошувачите во САД.


Русија досега испраќа хуманитарна помош во лекови и храна за Техеран и ги блокираше иницијативите во Обединетите нации со кои се оправдуваа нападите врз Иран. Лавров посочи дека руската страна нема намера да запре ниту со реализацијата на трговските договори, без оглед на околностите на теренот. Тој повика на враќање на слободната пловидба во Персискиот Залив, со гаранции дека воените дејства во регионот нема да се повторат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс