Лав уби лавица во зоолошката градина во Загреб

Животните престојувале заедно во надворешниот дел од живеалиштето, а од управата велат дека немало никакви знаци за агресија.
Фото: ЗОО Загреб

Младиот лав Уганда ја нападна и ја усмрти лавицата Тајри во Зоолошката градина во Загреб, соопштија денеска од оваа установа. Настанот се случил откако животните биле споени во заедничко живеалиште, а надлежните започнаа истрага за да се утврдат причините за ненадејната агресија кај лавот.

Според информациите од Зоолошката градина во Загреб, претходниот процес на зближување на двете животни се одвивал постепено и без проблеми. Лавот Уганда и лавицата Тајри првично биле успешно споени во помошниот простор на 10 јули.

Откако стручните лица процениле дека нивната комуникација е стабилна, од 21 јули тие почнале да престојуваат заедно во надворешниот дел наречен „Лавска карпа Кидепо“. Од зоолошката градина истакнуваат дека двојката добро се сложувала во изминатите денови и дека немало ниту еден индикатор што би укажал на ваков исход.

Веднаш по нападот, вработените во Зоолошката градина ги презеле сите пропишани протоколи за безбедност на луѓето и на останатите животни. Во тек е детална истрага во соработка со ветеринарни стручњаци, со цел да се утврдат причините кои довеле до фаталната агресија.

Управата на Зоолошката градина најави дополнителни детали за јавноста по завршувањето на стручниот увид.

е-Трн да боцка во твојот инбокс