Скопје сè повеќе ја прифаќа квиз-културата како нова форма на урбана забава, а тематските вечери во организација на дигиталната платформа „Анекта“ и бар „Љубов“ веќе прераснуваат во препознатлив градски настан. Концептот, кој започна минатата година како идеја за опуштено дружење, денес редовно привлекува публика што бара поинакво ноќно искуство, спој на знаење, забава и поп-култура.
Настаните во бар „Љубов“ се фокусирани на светски популарни серии и франшизи што имаат силна фан-база и кај скопската публика. Досега, посетителите имаа можност да го тестираат своето знаење преку квизови посветени на „The Office“ и „Сексот и градот“, каде деталите од омилените ликови, сцени и реплики станаа повод за натпревар, смеа и дружење.
Квизовите за „The Office“ се покажаа како особено популарни меѓу фановите на култниот ситком, кои ги препознаваат и најситните детали од светот на „Дандер Мифлин“. Вечерите посветени на „Сексот и градот“, пак, носат поинаква атмосфера, со разговори за пријателството, модата, љубовта и темите што ја направија серијата безвременска за повеќе генерации.
Организаторите велат дека целта е да се понуди нешто повеќе од класично излегување во град. „Нашата цел е да понудиме нешто што излегува од рамките на обично излегување во град. Квизот во ‘Љубов’ е платформа каде знаењето е главниот двигател на забавата, а интересот кој постојано расте само ни потврдува дека сме на вистинскиот пат“, велат од организацијата.
Успехот на концептот, според организаторите, лежи во спојот меѓу продукциското искуство на „Анекта“ и препознатливиот дух на бар „Љубов“. Во време кога голем дел од забавата се пресели во дигиталниот простор, овие квиз-вечери покажуваат дека публиката сè уште бара живо дружење, заедничко навивање и содржини што создаваат заедница.
Од „Анекта“ најавуваат дека во следниот период ќе следуваат нови тематски квизови, со кои сакаат дополнително да ја развијат оваа сцена и да го зацврстат настанот како една од редовните точки на мапата на скопските градски случувања.