Научници од Универзитетот во Чикаго и компанијата IBM изведоа пресметка на квантен компјутер за само 15 минути, решавајќи физички модел кој за стандарден суперкомпјутер бара илјадници години работа. Експериментот користи систем од 70 логички кубити со активна корекција на грешки. Резултатите покажуваат дека квантниот хардвер излегува од експериментална фаза и почнува да решава реални научни проблеми надвор од дофатот на класичната технологија.
Експериментот се фокусираше на симулација на комплексна квантна состојба на материјата. Тмот користеше хардверска архитектура на IBM, каде повеќе физички кубити се групираат во 70 стабилни „логички кубити“ со цел да се елиминира шумот.
Квантните пресметки се чувствителни на надворешни пречки, што досега предизвикуваше грешки по неколку милисекунди работа. Во овој тест, алгоритмите за корекција успешно ги неутрализираа отстапувањата во текот на сите 15 минути континуирана работа.
За да ја верификуваат точноста, истражувачите се обидоа да ја реплицираат пресметката на класичен суперкомпјутер. Пресметковниот простор за симулација на 70 кубити бара меморија и енергија што ги надминуваат глобалните класични капацитети. Проценките на тимот покажаа дека за истото ниво на прецизност со класични битови би биле потребни милениуми непрекината обработка.
Овој резултат дава директен научен доказ за практична квантна надмоќност во контролирана средина.
Способноста да се симулира однесувањето на молекулите на квантно ниво има директно влијание врз развојот на нови материјали, поефикасни батерии и фармацевтски соединенија. Хемиските процеси што денес се откриваат со години преку лабораториски обиди и грешки, наскоро ќе можат директно да се пресметуваат.
Истражувачкиот тим најави дека следниот чекор е зголемување на бројот на логички кубити и тестирање на комплексни хемиски реакции.